Search

Тонио Сан: Оној што се грози од гасеницата не знае ништо за убавината на пеперутката

„Во моите тинејџерски години би го опишал својот живот со песната „Животот е убав?“, во доцните 20-ти би го опишал со песната „Причина“, а сега би ја пуштил да ме претстави „Твоја соба“. Зошто баш овие? Мислам дека го отсликуваат времето, просторот и околностите во кои сум живеел и од внатре и од надвор.“- вели раперот, стрип цртачот и професорот Антонио Аранѓеловиќ.

Трн: Само што излезе твојот нов албум и полека одиш кон десетиот, дали тука ќе ставиш точка на музиката?

Тонио Сан: „Чувари на Грувот“ е мојот последен албум, тој ми е 9-ти соло Албум, ако ги вброиме и „Чаирскиот Албум“ во тандем со Кемп ОД и краткометражниот „Фуријата на Трпеливиот човек“, невклучувајќи ги групните албуми, значи 9-ти Албум излезен под името Тонио Сан. Што се однесува до тоа дали планирам да издавам понатака, секако ќе снимам музика затоа што креирањето уметност ми е, најверојатно, најквалитетното поминато време на планетава, па доколку тоа што ќе се произведе е вредно да се сподели со јавноста и да го продолжи животот надвор од студиото, тогаш ќе го ослободиме со издавање.

Трн: Каква порака пренесува „Чувари на грувот“ и како се спротивставува на популизмот?

Тонио Сан: Приказната е Грувот и се што носи тој звук од златното доба на Хип Хопот, а темата е популизмот, на кој што сум, фигуративно кажано, алергичен. Што се однесува до критизирањето, сметам дека покажаниот прст кон другиот, а не кон себеси, е првата пречка кон духовниот напредок и развој. Затоа наместо да велам „вие“, низ целиот албум велам „ние“, алудирајќи на анализирање, наместо критизирање, со цел да се издигнеме над ова се, не иземајќи се и себеси, за да го подобриме квалитетот на животот во нашето општество, треба да инвестираме сите во тоа, а не да не мрзи да размислуваме и да чекаме некој да ни каже „вака ДА, вака НЕ“ без да го изанализараме со „зошто ДА, а зошто НЕ“…

Трн: Има ли светло на крајот од тунелот?

Тонио Сан: Мислам дека никогаш во моето креативно патување не сум кажал дека нема светло во тунелот, секогаш сум сметал дека додека има живот во нас, има и светло во тунелот, а во песната „Не разговарај со непознати“ од албумот „Друштвото на мртвите поети“ алудирав дека има светло во тунелот дури и после животот.

Трн: Дали рапот има кој да ти го слушне, а ако го слушне дали ќе го разбере?

Тонио Сан: Фасцинантно е што песна како што е „Фреквенции“ има скоро два милиони прегледи на YouTube, песна која што е со социјална тема, не е наменета за широка маса, нема популистичка компонента и е жестока и тешка во својата порака… За мене, тоа е уште еден показател, дека македонскиот слушател, во многу поголема мера во сооднос со соседните земји, имал и има чувство за препознавање алтернативна музика со уметнички вредности.

Трн: Низ кои стихови ќе си го опишеш животот?

Тонио Сан: Во моите тинејџерски години би го опишал својот живот со песната „Животот е убав?“, во доцните 20-ти би го опишал со песната „Причина“, а сега би ја пуштил да ме претстави „Твоја соба“. Зошто баш овие? Мислам дека го отсликуваат времето, просторот и околностите во кои сум живеел и од внатре и од надвор.

Трн: Со кого ти се рецитира на сцена, а си немал прилика до сега?

Тонио Сан: Татко ми во 1981 е гитарист и вокал на бендот Акустик, би изрецитирал со него и со бендот строфа, две, на нивните „Современ текст“ или „Црно вино“. Песните се партали, штета што не се пробиле во меинстримот, поради сплет на околности.

Трн: Знам, кога не рапуваш- црташ, зошто стрипови?

Тонио Сан: Цртежот ми е, всушност, најпрвиот израз и експресија. Прво сум процртал, пред било што друго да ми го привлече вниманието. И тоа баш биле стриповите, а она што ми е во сеќавање, бев фасциниран од франко-белгиската школа, Астерикс и Обеликс, Таличен Том итн. Кога научив и да ги читам и да уживам во цртежите и приказните, во комплетната авантура.. за мене тогаш светов доби смисла.

Трн: Кога излегува новиот стрип?

Тонио Сан: Ќе го извлечам едно од моите најдраги дела воопшто, а тоа е графичката новела „Некои мали нешта“, стрипот содржи околу 112 страни, издаден 2019-та. Денес, работам на нова графичка новела, сега не би откривал ништо, освен дека е некаде до пола завршен, планирам околу 100 страни да за да се комплетира приказната, името нема да го откријам се уште…

Трн: А ти кога ќе се појавиш во стрип, во кој лик и кој сакаш да те нацрта?

Тонио Сан: Во новиот стрип кој го работам, можно е да се појавам во некоја алтернативна форма и димензија, како споредна улога, но има зошто и зашто баш така, но да не правам спојлери… Инаку, би сакал да ме нацрта Gianni Pacinotti, познат како  Gipi, италијански стрип автор, чии дела се тотално уживање и од ликовен и од книжевен аспект, тој би сакал да ми ја нацрта животната приказна.

Трн: Кога не рапуваш и не црташ, тогаш?

Тонио Сан: Огромен процент од мојата концентрација и фокус, всушност е вперен кон мојата професија, а тоа е во едукација и високото образование. Тука оди целата моја креативна енергија, а она што ќе остане, се прелева некогаш во стрип, некогаш во музика, инструментал, текст, илустрација, графика, анимација итн…

Трн: Музиката или ликовната уметност, што има приоритет пред студентите?

Тонио Сан: Јас сум избран во областа на Ликовните Уметности, во таа област е всушност целото мое образование низ процесите… Освен техничките единици во предметите кои ми се доверени, како што се Техники на Цртање, Графички дизајн, Сториборд, Стрип дизајн и Графички дизајн – Напредно Ниво, Уметноста е огромен океан за истражување и дискутирање, без разлика дали ја примаме низ призмата на видот, слухот, допирот, мирисот или вкусот… Уметноста е дрво со повеќе гранки, на некоја е вгнездена ликовната, на некоја музичката, на некоја филмската итн. Така да, често разговараме за Уметноста во целина, никогаш не сум делел или разликувал во зависност од тоа преку кој орган ја примам, туку за тоа што таа прави на нашиот дух, ум и тело…

Трн: Ако им дадеш задача на студентите да те нацртаат според нивната фантазија, како би те замислиле и преставиле?

Тонио Сан: Тоа е многу интересен предизвик, што никогаш не сум го размислувал, но благодарам за идејата, можеби ќе им ја дадам таа задача кога ќе учиме за Карактер дизајн. Најверојатно ќе бидам некоја мешавина на неортодоксен, субкултурен лик, но формален во сензибилитетот, Witcher кој е одгледан и воспитуван од Самураи, а има викингшки корени, има тетоважа на раката со Link од The Legend of Zelda, изгледа помлад од тоа што е, има стара душа, но младалачки дух, анимал спиритот му е било кое животно од родот на мачките, во симбиоза со традицијата и современоста… Комплицирано излезе.

Трн: За крај, дај еден крај, како во некоја песна…

Тонио Сан: Крајно време е да препознаваме Време, Простор и Околности и да носиме одлуки во симбиоза со овие три фактори, да не не мрзи да мислиме со своја глава, да не паѓаме на стапицата на догмата, која ни прави скептицизам кон науката и интелектуалноста, да препознаеме што од традицијата има вистинска вредност, која е имуна на секое време, простор и околности и може и треба да живее и денес, а што треба да остане како лекција во минатото дека била наменета за тоа време, простор и околности. Да инвестираме во своето надоградување и развој, образованието може да биде формално и неформално, да гледаме во месечината кон која ни покажува вперениот прст, а не да гледаме во прстот. Конечно, да се потрудиме да се надминеме себеси, да препознаеме дека стравот е реакција, а храброста е избор, да гледаме на промената како еволуција, затоа што оној што се грози од гасеницата, не знае ништо за убавината на пеперутката.

Најново

Последни колумни