Џез Фактори Фестивалот во Битола не е само концертен настан, туку простор каде младите директно влегуваат во светот на музиката – преку работилници, мастер класови и креативни средби со врвни уметници.
Оваа година, покрај концертната програма и книжевните промоции, фестивалот ја засили својата едукативна улога со активности наменети за ученици од основно и средно образование. Во соработка со Австриската амбасада во Скопје и Државното музичко училиште во Битола, беше организиран мастер клас предводен од австрискиот пијанист Лукас Мајсл, каде младите музичари имаа можност да учат преку директна работа и интеракција.
Директорката на училиштето, Марија Шамоска Буџаковски, истакна дека ваквите настани се клучни за развојот на младите таленти, бидејќи овозможуваат контакт со меѓународни уметници и стекнување практични знаења што не можат да се добијат само преку формалното образование.
Паралелно со тоа, во Europe House Битола се одржа работилницата „Jazz Factory For Kids“, каде најмладите преку игра и импровизација го откриваа џезот. Со поддршка од студенти и дипломци од Џез одделот на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, децата имаа можност да слушаат, свират и да ја почувствуваат слободата на оваа музика.
Во активностите се вклучија и меѓународни гости, меѓу кои професорката Агнес Лакатош од Музичката академија во Будимпешта, како и директори на џез фестивали од регионот. Дел од програмата следеа и ученици од основното училиште „Коле Канински“ од Битола, кои преку практично учество го продлабочија своето музичко искуство.
Џез Фактори Фестивалот на овој начин се позиционира како повеќе од фестивал – како платформа што ги поврзува образованието, уметноста и младите генерации, создавајќи услови за нова, поотворена и интернационална музичка сцена.