47 организации предупредуваат: Западен Балкан не смее да влезе во нова зависност од гас

Во пресрет на 3SI Самитот во Дубровник, организациите бараат владите да се откажат од нови гасни проекти и да се насочат кон обновлива енергија.

Во пресрет на 3SI Самитот во Дубровник, 47 граѓански организации ги повикаа владите на земјите од Западен Балкан да се спротивстават на притисоците од Соединетите Американски Држави и да ги откажат плановите за изградба на нови гасоводи и гасни електрани. Во заедничка изјава, организациите предупредуваат дека овие проекти, наместо само да го заменат рускиот гас, значително би ја зголемиле потрошувачката на гас во регионот и зависноста од увоз на фосилни горива.

Соединетите Американски Држави веќе неколку години промовираат повеќе гасни проекти во регионот, меѓу кои интерконекторот меѓу Грција и Македонија, терминали за течен природен гас во Црна Гора и Албанија, како и јужната гасна интерконекција меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина. На овонеделниот 3SI Самит во Дубровник се планира меѓувладин договор за последниот проект, додека планираниот договор меѓу САД и Црна Гора веќе предизвика силен отпор од граѓанското општество и од жителите кои живеат во близина на планираниот LNG терминал во Бар.

Организациите посочуваат дека, за разлика од Европската Унија, земјите од Западен Балкан имаат ниска или речиси никаква зависност од гас. Иако во 2024 година гасот сочинувал над 20 проценти од достапната енергија во ЕУ, во Западен Балкан најзависни од гас биле Србија со 14 проценти и Македонија со 12 проценти. Во Босна и Херцеговина гасот учествува со помалку од 3 проценти, додека Албанија, Црна Гора и Косово не се поврзани со меѓународна гасна инфраструктура.

Наместо ова да се искористи како предност, повеќето влади во регионот активно планираат гасоводи, електрани и LNG терминали кои заедно би можеле тројно да ја зголемат потрошувачката на гас во споредба со 2023 година. Според заедничката изјава, ваквите проекти или ќе ги заглават земјите во скапа зависност од увоз, или ќе завршат како нефункционални инвестиции.

Посебно внимание се посветува и на плановите за нови гасни електрани во Македонија. Според Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, тие отвораат сериозни прашања за економската оправданост и влијанието врз климатските цели. Таа посочува дека најновата анализа за проценка на емисиите од гасната инфраструктура во земјата покажува дека сегашните планови се преамбициозни, а изградбата на две комбинирани гасни постројки би била финансиски неодржлива, особено во услови на регионална конкуренција и зголемени CO₂ емисии.

„Државата треба внимателно да избере помеѓу продолжување на зависноста од фосилни горива или забрзана транзиција кон обновливи извори и одржлив енергетски систем, кој може сигурно да функционира и без нови гасни електрани“, вели Чоловиќ Лешоска.

Пипа Галоп од CEE Bankwatch Network оценува дека, среде уште една криза со фосилни горива, е неверојатно што владите сè уште планираат нови гасоводи и гасни електрани. Според неа, тие би чинеле милијарди уште пред да се пресметаат трошоците за самиот гас, а најверојатно би завршиле како нефункционални инвестиции или би биле силно субвенционирани од даночните обврзници. Таа предупредува дека планирањето и изградбата лесно може да траат една деценија, што е предоцна за замена на рускиот гас, а регионот нема ниту пари ниту време за вакви скапи грешки.

Граѓанските организации ги повикуваат владите во регионот да се насочат кон соодветно лоцирано производство на електрична енергија од сонце и ветер, поддржано од постојните хидроцентрали и силни електроенергетски мрежи. Тие предлагаат и поголема употреба на топлински пумпи, геотермална енергија и искористување на отпадна топлина за греење и ладење, како и поголеми напори за енергетска ефикасност и електрификација на секторите за греење и транспорт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни