Промовирана „The Skopje Project” книга за минатото на Скопје, но и за неговата иднина

Публикацијата „The Skopje Project”, објавена на англиски јазик, е дело што ја отвора една од најзначајните урбани, архитектонски и политички приказни на Скопје

 

Во прекрасниот и инспиративен амбиент на книжарницата „Литература.мк” во „Дајмонд мол”, во петокот (24 април) беше промовирана книгата „The Skopje Project” од авторот и уредник, проф. д-р Огнен Марина, професор и поранешен декан на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје.

Книгата, која е во издание на „Арс Ламина”, беше претставена во рамките на меѓународната конференција „Shaping Skopje’s Future: Culture, Urban Policies and Sustainable European Cities”, која се одржа деновиве организирана во партнерството на Град Скопје, Центарот за напредни и постдокторски истражувања на УКИМ во Скопје и УНДП во Скопје. Овој важен настан го означува почетокот на стратешкиот разговор за развојот на Скопје за следните 20 години, а истовремено го зајакнува патот на градот кон Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година. Конференцијата ги собра сите водечки институции, градоначалници, европски партнери, експерти, универзитети и меѓународни организации со цел низ размена на идеи да се отвори значаен дијалог за иднината на Скопје.
 
Публикацијата „The Skopje Project”, објавена на англиски јазик, е дело што ја отвора една од најзначајните урбани, архитектонски и политички приказни на Скопје: обновата на градот по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. Книгата има своја јасна генеза во меѓународната конференција „The Skopje Project”, одржана во 2023 година по повод 60 години од скопскиот земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге. Таа конференција повторно ги собра во Скопје архитектите, урбанистите, истражувачите и теоретичарите кои размислуваат за градот како простор на солидарност, знаење, политичка визија и општествена трансформација.

„The Skopje Project” не е само историска студија за реконструкцијата на Скопје. Тоа е книга за идејата дека градовите не се градат само со планови, улици и објекти, туку и со вредности: соработка, знаење, култура, солидарност и јавна одговорност. Во неа, Скопје се појавува како глобален урбан експеримент — град обновен со поддршка од речиси деведесет земји и под покровителство на Обединетите нации; град во кој архитектурата, урбанизмот, дипломатијата и политиката се споиле во обид да се замисли нов, современ и хуман град – изјави проф. д-р Огнен Марина.

Во фокусот на книгата се големите визии, но и нивните ограничувања, идеализмот и компромисите, улогата на Ернест Вајсман, Константинос Доксијадис, Јап Бакема и Кензо Танге, но и поширокиот контекст во кој Скопје, позиционирано меѓу Истокот и Западот, станало лабораторија на модерната архитектура и урбаното планирање.

Проф. д-р Огнен Марина, архитект, професор и истражувач на урбаните трансформации на Скопје, со ова дело ја продолжува својата долгогодишна научна и професионална посветеност на градот. Неговата работа го поставува Скопје не само како предмет на историско истражување, туку и како активен модел за размислување за современите градови, нивните кризи, нивните потенцијали и нивната иднина.
„Оваа книга произлезе од потребата Скопје повторно да се прочита како светска архитектонска и урбанистичка приказна. Обновата по земјотресот не беше само технички процес на реконструкција, туку проект на меѓународна солидарност, знаење и надеж. Денес, кога Скопје се подготвува за Европска престолнина на културата 2028, токму таа меморија треба да стане основа за нова културна и урбана трансформација на градот” истакнува проф. д-р Огнен Марина.
Промоцијата на книгата добива особено значење бидејќи се одржува во рамките на  конференцијата „Shaping Skopje’s Future” со која Скопје ја отвора својата нова европска развојна перспектива. Настанот ги поврзува културата, урбаните политики и одржливиот развој како темели на подготовките за Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

Така, „The Skopje Project” станува повеќе од книга, таа е мост меѓу минатото и иднината на Скопје. Од град на меѓународна солидарност по 1963 година, кон град на култура, знаење, соработка и одржлива трансформација во пресрет на 2028 година. Со тоа, Скопје повторно има можност да ја замисли својата иднина, но овојпат преку културата како сила што го менува начинот на кој го планираме, градиме и живееме градот.

Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк”, и онлајн преку www.literatura.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни