Поранешниот американски претседател Барак Обама повика на смиреност и отфрлање на политичкото насилство по пукањето што се случи во саботата вечерта за време на вечерата на дописниците на Белата куќа, при што беше ранет припадник на Тајната служба.
Инцидентот се случил околу 20:30 часот пред хотелот „Вашингтон Хилтон“, кога напаѓачот се обидел да го пробие безбедносниот пункт, по што дошло до размена на оган со агентите. Актуелниот претседател Доналд Трамп бил брзо евакуиран, додека присутните биле однесени на безбедно.
Властите го идентификувале осомничениот како 31-годишниот Кол Томас Ален од Калифорнија, кој неколку дена претходно пристигнал во Вашингтон. Според истрагата, дејствувал сам, а кај него биле пронајдени повеќе парчиња оружје, вклучувајќи пушка, пиштол и ножеви. Еден агент бил погоден во градите, но преживеал благодарение на заштитниот елек.
Според федералните власти, осомничениот оставил писмен манифест во кој се опишал како „пријателски федерален атентатор“ и навел дека цел му бил напад врз претставници на администрацијата на Трамп, вклучително и самиот претседател. Истрагата е во тек, а службите, меѓу кои и Федералното истражно биро и Тајната служба, ја анализираат неговата позадина, комуникацијата и можните мотиви.
Нападот се третира како обид за атентат, а американското Министерство за правда го оцени како уште еден обид за напад врз претседателот Трамп, по претходните инциденти во 2024 година.
Обама се огласи преку социјалната мрежа „Икс“, повикувајќи ја јавноста да не носи избрзани заклучоци и нагласувајќи ја важноста на демократските вредности.
„Иако сè уште ги немаме сите детали за мотивите на пукањето, на сите нас е да ја отфрлиме идејата дека насилството има какво било место во нашата демократија“, напиша Обама, додавајќи дека инцидентот е потсетник за храброста и пожртвуваноста на припадниците на Тајната служба.
Пукањето дополнително ја отвори дебатата за безбедносните протоколи на големи политички настани, особено на оние што се одржуваат надвор од комплексот на Белата куќа. Вечерата на дописниците беше веднаш прекината, а организаторите најавија дека ќе биде повторно одржана во рок од 30 дена.
Истрагата продолжува, а се очекува и детална проверка на безбедносните мерки за идни настани со високи функционери.