Онколошките пациенти алармираат: Недостига терапија, ПЕТ скенот повторно не работи

Онколошките пациенти повторно предупредуваат на сериозни проблеми во здравствениот систем. Освен доцнењето на дел од терапиите, единствениот државен ПЕТ/КТ скенер повторно е надвор од функција, поради што дел од пациентите се принудени да бараат прегледи во странство или во приватни здравствени установи.
(Фото: К. Попов)
(Фото: К. Попов)

Онколошките пациенти во Македонија повторно алармираат за прекини во лекувањето и дијагностиката, наведувајќи дека недостигот на одредени терапии и нефункционалниот ПЕТ/КТ скенер сериозно го отежнуваат следењето на нивната здравствена состојба. 

Според сведоштвата на пациентите, единствениот државен ПЕТ/КТ апарат не функционира веќе неколку месеци. Иако накратко бил повторно ставен во употреба, снимањата повторно биле прекинати, оставајќи голем број пациенти без можност навреме да направат контролни прегледи. 

ПЕТ/КТ снимањето има клучна улога во проценката на ефектите од терапијата, утврдувањето на стадиумот на болеста и планирањето на понатамошното лекување. Без овие резултати, лекарите потешко можат да донесат одлука дали терапијата треба да продолжи, да се промени или да се прекине. 

Дел од пациентите велат дека поради долгото чекање биле принудени снимањето да го направат во странство или во приватни болници, каде цената достигнува околу 1.300 евра. За многумина тоа претставува голем финансиски товар. 

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што во македонското јавно здравство постои само еден ПЕТ/КТ скенер. Државниот завод за ревизија претходно препорача набавка на втор апарат за да се намалат листите на чекање и да се обезбеди континуитет во услугите, но таква инвестиција сè уште не е реализирана. 

Покрај проблемите со дијагностиката, здружението „Хема Онко“ повторно предупреди и на прекини во снабдувањето со одредени онколошки лекови. Од здружението бараат надлежните институции јасно да утврдат каде настануваат застоите и кој ја сноси одговорноста, најавувајќи дека доколку состојбата не се подобри, ќе организираат протест. 

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија соопштија дека најголемиот дел од потребните лекови веќе се обезбедени, а преостанатите количини треба да пристигнат во текот на неделата. Од таму уверуваат дека лекувањето на пациентите не е доведено во прашање, но пациентските организации посочуваат дека на терен сè уште има случаи на доцнење и недостапност на терапија. 

Пациентите бараат итни решенија за да се обезбеди непречен пристап до дијагностичките услуги и потребната терапија, предупредувајќи дека секое одложување може директно да влијае врз текот на лекувањето и шансите за успешно закрепнување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс