Обединети нации предупредија дека актуелната епидемија на ебола во Африка може да предизвика економска штета од дури 3,6 милијарди американски долари, да загрози стотици илјади работни места и да прерасне во сериозна развојна криза доколку не биде ставена под контрола. Епидемијата, предизвикана од сојот Bundibugyo, за кој засега не постои докажано ефикасна вакцина ниту специфичен третман, од прогласувањето на епидемијата на 15 мај досега заразила 1.307 лица, а 377 починале во Демократска Република Конго.
Помал број случаи се регистрирани и во Уганда, додека здравствените експерти предупредуваат дека постои реален ризик вирусот да се прошири и во соседните држави, меѓу кои и Јужен Судан.
„Доколку ги обезбедиме потребните средства и ги засилиме напорите, можеме да ја ставиме епидемијата под контрола и да спречиме понатамошни загуби“, изјави Дамиен Мама, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации во Конго.
Според анализата на UNDP, во најповолното сценарио, ако епидемијата остане ограничена само на Демократска Република Конго и Уганда, економската загуба за Конго би достигнала околу една милијарда долари. Но, во најлошото сценарио, доколку вирусот се прошири и во земји како Руанда и Ангола, а кризата дополнително се влоши поради растот на цените на горивата поврзан со конфликтот на Блискиот Исток, африканската економија би можела да загуби 3,6 милијарди долари, а без работа би останале околу 328.000 луѓе.
Од Обединетите нации предупредуваат дека без брза меѓународна реакција, здравствената криза лесно може да прерасне во долгорочна економска и развојна криза за целиот африкански континент.