Пронајден американски воен брод од Првата светска војна, потопен со торпедо во 1918 година

Британски нуркачки тим ја пронајде олупината на американскиот воен брод „Тампа“, потопен од германска подморница во 1918 година, при што загинале 131 лица.

Олупината на американски воен брод од Првата светска војна, потопен од германска подморница, е пронајдена повеќе од еден век по неговото исчезнување крај брегот на Велика Британија, соопштија надлежните.

Станува збор за бродот на американската крајбрежна стража „Тампа“, чие потонување во 1918 година во Бристолскиот Канал однело 131 живот. Тоа е најголемата загуба на животи на американски борбен брод во Првата светска војна.

Олупината ја пронашол британскиот нуркачки тим Gasperados, на околу 80 километри од Корнвол, на длабочина поголема од 90 метри во Атлантскиот Океан. Американската крајбрежна стража го потврди откритието, а нуркачкиот тим соопшти дека до него дошол по тригодишна потрага.

Во летото 1917 година, шест бродови на американската крајбрежна стража биле испратени во Европа за придружба на конвои. „Тампа“ бил единствениот што никогаш не се вратил.

Под команда на капетанот Чарлс Сатерли, бродот придружувал 18 конвои. Бродските дневници покажуваат дека моралот на посадата бил висок и дека членовите на екипажот често покажувале храброст и солидарност.

Судбината на „Тампа“ била запечатена ноќта на 26 септември 1918 година. Додека пловел низ Бристолскиот Канал кон велшко пристаниште за гориво, бил погоден со торпедо од германската подморница UB-91.

Бродот потонал за помалку од три минути. Американски разурнувачи и британски патролни бродови потоа барале преживеани, но биле пронајдени само делови од остатоци и две неидентификувани тела во морнарички униформи.

Во несреќата загинале сите лица на бродот: 111 припадници на американската крајбрежна стража, четворица припадници на американската морнарица и 16 припадници на британската морнарица и цивили.

„Кога ‘Тампа’ беше изгубена со целата посада во 1918 година, тоа остави трајна тага во нашата служба. Пронаоѓањето на олупината нè поврзува со нивната жртва и нè потсетува дека посветеноста на должноста трае. Секогаш ќе ги паметиме“, изјави командантот на американската крајбрежна стража, Кевин Ландеј.

Нуркачкиот тим Gasperados ја контактирал крајбрежната стража во 2023 година со предлог за потрага по бродот. Американската страна им доставила информации што можеле да помогнат во пронаоѓањето на локацијата, вклучувајќи архивски фотографии од опрема, кормило и вооружување.

По три години без успех, тимот минатата недела најавил дека ќе истражи уште две последни можни локации врз основа на нови информации. Три дена подоцна било објавено дека „Тампа“ е пронајдена.

„Ова откритие е резултат на три години истражување и теренска работа. ‘Тампа’ има огромно значење за Соединетите Американски Држави и за семејствата на сите што загинаа тој ден. Нивното последно почивалиште конечно е познато“, изјави водителот на тимот, Стив Мортимер.

Американската крајбрежна стража најави дека подготвува планови за дополнителни подводни истражувања на бродот со помош на роботика и автономни системи.

Во последните години се пронајдени повеќе олупини од Првата светска војна. Лани крај брегот на Мароко беа откриени девет бродови потопени од германски подморници, а британските власти во 2024 година потврдија дека олупина пронајдена крај Шкотска е крстосувачот HMS Hawke.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни