Битолскиот Офицерски дом отвора повик за млади од градот и регионот кои сакаат да работат со архивски фотографии и современи дигитални формати. Иницијативата е дел од проектот „Офицерски Дом – Резонантна меморија на градот Битола“, а целта е локалното културно наследство да добие нова јавна видливост преку практични креативни содржини изработени од новата генерација.
Работилниците се наменети за млади на возраст од 16 до 26 години од Битола и околината. Пријавувањето е отворено до 25 септември преку онлајн формулар.
Учесниците ќе поминат низ целиот процес на обработка на историскиот материјал: од основите на аналогната фотографија, преку истражување и селекција, до дигитално архивирање и репарација на стари фотографии со помош на современи алатки. Создадените аудио-визуелни содржини потоа ќе станат дел од промоцијата и туристичката понуда на градот.
Проектот го реализира продуцентската куќа „Флатформ Филм“, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
Во спроведувањето на активностите се вклучени локални партнери: Културно информативниот центар (КИЦ) Битола, Центарот за европски развој и интеграција (ЦЕРИ) и битолското одделение на Државниот архив, чии фондови ќе послужат како основа за истражувачката работа.