Визуелен спектакл или губење на длабочината: Како Атина ја доживеа „Одисеја“ на Нолан?

Грчката публика го прифати холивудскиот еп на Кристофер Нолан и покрај политичките бури за актерската екипа и државните субвенции.

Премиерниот викенд на филмот „Одисеја“ на режисерот Кристофере Нолан донесе воглавно ентузијастички реакции кај публиката во Атина, и покрај претходните дебати за изборот на актерката Лупита Њонго во улогата на Елена од Троја. Додека критиката и политичарите ги скршија копјата околу реинтерпретацијата и државните субвенции од шест милиони евра, гледачите го пречекаа тричасовниот IMAX спектакл со емоции и потсетување на училишните денови.

По премиерата на тричасовниот IMAX еп, гледачите во Атина со воодушевување зборуваа за враќањето на класичниот текст на големото платно. За многумина, филмот послужи како мост до ликовите од училишните клупи. Петдесет и пет годишниот Костас Анастасијадис изјави дека ефектите ја поддржале, а не ја засениле приказната, додавајќи дека на херојот на Хомер не му е потребна само компјутерска графика кога самиот текст ги надминува сите визуелни додатоци.

Светската премиера донесе заработка од околу 264,1 милиони долари во првиот викенд. Во Грција, критичарите излегоа со поделени ставови. Дневниот весник „Катимерини“ објави дека режисерот успеал да спои еп што одекнува со векови со постмодерни уметнички сензибилитети. Од друга страна, културното издание „Атинорама“ ја пофали визуелната амбиција, но оцени дека филмот се оддалечил од филозофската и наративната сложеност на оригиналот. Дел од публиката, како 36-годишната Кристина Георгиу, посочи дека продукцијата премногу наликува на холивудски производ со развлечени борбени сцени и претерани костими што го замаглуваат богатството на епот.

Помладата публика реагираше со одобрување за режисерските интерпретации. Седумнаесетгодишниот Вангелис Дравопулос забележа дека филмот нуди нов увид во поемата, прикажувајќи го Одисеј како човек трансформиран од војната кој ги сфаќа сопствените грешки. Неговиот врсник Стилијанос Когинис го истакна изборот на актерката Зендаја, која ја толкува и Атена и младата жена погубена во Троја, гледајќи го тоа како симбол за каењето на херојот наместо само физичко присуство на божица.

Пред почетокот на прикажувањето, филмот се соочи со напади од десницата поради изборот на Лупита Њонго за улогата на Елена од Троја. Националистичката партија Ники реагираше против државните субвенции од над шест милиони евра, обвинувајќи ја владата дека финансира таква реинтерпретација на грчката историја. Министерката за култура Лина Мендони ги отфрли критиките со став дека државата нема улога да му диктира на автор како уметнички да толкува одреден мит.

Вонредната професорка по старогрчка литература на Универзитетот во Атина, Евгенија Макригијани, објасни дека митот за Одисеј останува поврзан со современиот идентитет преку концептот „ностос“, копнежот по домот. Според неа, современите автори легитимно го читаат Одисеј како патник или имигрант, бидејќи Хомер не се менува, туку се менуваат неговите читатели. Снимањето на дел од сцените на автентични локации во Грција, низ нејзиното море и суров терен, дополнително ја засили врската меѓу публиката и екранот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс