Од вторник, 1 септември, започнува да сообраќа новата линија на градскиот воз меѓу Зелениково и Скопје, со вкупно осум поаѓања дневно во двата правци. Новата железничка врска треба да овозможи побрзо и полесно патување до главниот град за жителите на Зелениково и околните населени места.
Особено ќе им биде од корист на граѓаните кои секојдневно патуваат до Скопје поради работа, училиште или факултет. Возовите ќе сообраќаат во повеќе термини во текот на денот, со поаѓања во утринските и попладневните часови, кога има најголема фреквенција на патници.
Се очекува воведувањето на линијата да им овозможи на дел од граѓаните да го заменат патувањето со автомобил или автобус со железнички превоз.Тоа би можело да придонесе и за намалување на сообраќајниот метеж на влезот во Скопје, особено во периодите на најголема фреквенција.
Новата линија е дел од најавите за подобрување на приградскиот железнички превоз и подобро поврзување на Скопје со околните населени места. Надлежните ќе го следат интересот на патниците и искористеноста на линијата, а во зависност од резултатите во иднина се можни измени и дополнувања на возниот ред.