Изложбата „Technoneolith“ на Слободан Живковски е поставена во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Станува збор за авторски проект во кој Живковски ја истражува трансформацијата на секојдневниот потрошувачки отпад во уметнички објекти, отворајќи прашања за материјалната култура и односот на современото општество кон предметите што ги користиме и отфрламе.
Во создавањето на делата авторот користи расклопена картонска амбалажа, врз која интервенира со изразени акрилни бои. Материјалите што вообичаено имаат краткотрајна употребна функција така добиваат нова форма и значење во уметнички контекст. Преку оваа трансформација, изложбата го отвора прашањето како предметите од секојдневието можат да добијат нова вредност откако ќе ја изгубат својата првична функција.
„Technoneolith“ истовремено се осврнува на потрошувачкото општество и на начинот на кој материјалите што нè опкружуваат стануваат дел од нашата современа визуелна и културна средина.
Изложбата во Галеријата на МКЦ може да се посети до 14 септември 2026 година.