Македонската современа уметност кон крајот на мај ќе биде претставена во Братислава преку изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, мултимедијален проект што го истражува значењето на словенската писменост и културното наследство на светите браќа Кирил и Методиј.
Изложбата ќе биде отворена на 27 мај 2026 година во 17 часот во Národné osvetové centrum во Братислава, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 16 јуни.
Проектот создава современ визуелен дијалог помеѓу традицијата и модерната уметност, инспириран од глаголицата, духовноста и културната меморија на словенските народи. Преку различни медиуми – сликарство, фотографија и дигитална уметност – изложбата ја преиспитува улогата на писменоста како симбол на идентитет, културна поврзаност и духовна светлина.
На изложбата ќе бидат претставени дела од македонските уметници Александра Костадиновска, Ана Митевска, Ангел Коруновски и Лазе Трипков. Секој од авторите преку сопствен визуелен јазик нуди различна интерпретација на наследството на Св. Кирил и Методиј и значењето на глаголицата во современиот културен контекст.
Проектот е во организација на Здружението Архифакт, под водство на Јасминка Намичева, а куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски.
Организаторите посочуваат дека изложбата има за цел не само да го одбележи значењето на словенската писменост, туку и да отвори простор за ново читање на културното наследство преку современи уметнички практики.
Настанот се реализира со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Братислава, Министерството за култура и туризам и Národné osvetové centrum.