Од бразилски ритми до француска хармоника: Вечерва завршува 45. Скопски џез фестивал

Со два концерта што ги поместуваат границите на современиот џез, вечерва (18 октомври) во Националната опера и балет ќе биде затворено 45. издание на Скопскиот џез фестивал.

На сцената ќе настапат експерименталното трио „Сао Пауло андерграунд“ и францускиот виртуоз на хармоника Винсент Пеирани со својот квинтет „Living Being“.

По четири фестивалски дена исполнети со импровизација, современ џез и музички експерименти, Скопје вечерва ќе биде домаќин на два различни музички света – бразилската ритмичка енергија и европскиот современ џез.

Први на сцената, во 20 часот, ќе настапат „Сао Пауло андерграунд“, состав кој веќе две децении создава музика на границата меѓу џезот, електрониката и традиционалните бразилски ритми.

Групата е формирана во 2005 година од американскиот музичар Роб Мазурек и бразилскиот перкусионист Маурисио Такара, а подоцна им се приклучува Гилерме Гранадо. Нивниот музички израз се темели на слободна импровизација, електронски звуци и ритми што потекнуваат од богатата бразилска музичка традиција.

Со настапи на големи меѓународни фестивали и проекти што ги поврзуваат музиката и визуелната уметност, триото се етаблира како еден од препознатливите состави на современата експериментална сцена.

„Сао Пауло андерграунд“ – експериментална музика инспирирана од бразилските ритми.

Во 22 часот фестивалот ќе го затвори квинтетот на Винсент Пеирани, еден од највпечатливите европски музичари кои го променија начинот на кој хармониката се користи во современиот џез.

Пеирани ја третира хармониката како цел оркестар, создавајќи музика во која се преплетуваат џезот, рокот, класичните влијанија и филмската атмосфера.

Неговиот проект „Living Being IV: Time Reflections“ носи авторски композиции, но и нови музички интерпретации на дела од „Портисхед“, Дејвид Боуви и „Битлс“.

На сцената ќе му се придружат саксофонистот Емил Паризиен, тапанарот Јоан Сера, басистот Жилиен Ерне и пијанистот Тони Паелман. Особено значајна е долгогодишната соработка меѓу Пеирани и Паризиен, кои повеќе од една деценија заедно истражуваат нови музички форми

Годинешното, 45. издание на Скопскиот џез фестивал започна на 15 октомври, а во програмата беа вклучени уметници од Европа, Африка, Северна и Јужна Америка. Меѓу учесниците беа и македонската музичарка Андреа Мирческа, јужноафриканскиот пијанист Ндуцузо Макатини и норвешките музичари Ејвинд Арсет и Јан Банг.

Со завршната вечер, фестивалот уште еднаш ја потврдува својата улога како простор во кој се среќаваат различни музички култури и нови пристапи кон џезот.


Билетите за вечерните концерти чинат 800 денари и се достапни преку MKTickets.

е-Трн да боцка во твојот инбокс