Од Берлинале до Кан: Самир Карахода доаѓа во Скопје на „Ѕирни“ со три кратки филма

Режисерот, кинематографер и долгогодишен куратор на „ДокуФест“ ќе одржи мастерклас и ќе ги претстави „In Between“, „Displaced“ и „On the Way“ на „ЅИРНИ 8“.

Од Берлинале до Кан, кратките филмови на Самир Карахода поминале низ некои од најзначајните светски фестивалски сцени. На 29 септември, косовскиот режисер, кинематографер и фотограф ќе гостува на „ЅИРНИ 8“, каде што ќе одржи мастерклас и ќе ги претстави своите три краткометражни филмови: „In Between“, „Displaced“ и „On the Way“.

Мастеркласот и проекцијата ќе се одржат во вторник, 29 септември, од 17:30 часот во кино-салата на КОТУР. Влезот е слободен, но поради ограничениот број места, присуството треба да се пријави преку порака или на dzirnifestival@gmail.com.

Карахода дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул. Покрај авторската работа како фотограф и режисер, тој е кинематографер и тутор, а речиси две децении ја курира програмата за кратки филмови на „ДокуФест“ во Призрен.

Основач е и на SK Pictures, независна продукциска компанија преку која ги развива и продуцира своите филмови.

Од Берлин до Кан

Неговото режисерско деби „In Between“ („Në mes“) е краткометражен документарен филм кој во 2019 година имаше премиера на Берлиналето. Две години подоцна, „Displaced“ („Pa vend“) беше прикажан во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал. Филмот беше номиниран за Европските филмски награди, а освои и IMDb Pro Short Cuts награда на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто и наградата за најдобар документарен филм на Филмскиот фестивал „Санденс“.

Со „On the Way“, Карахода повторно се врати во Кан. Филмот во мај 2024 година имаше светска премиера во официјалната конкуренција на фестивалот. На „ЅИРНИ 8“ публиката ќе има можност да ги погледне трите филма, но и директно да разговара со авторот за неговиот пристап кон кратката филмска форма, кинематографијата и патот на еден филм од продукција до големите меѓународни фестивали.

Карахода во 2019 година ја доби годишната награда за кинематографија од Министерството за култура на Косово, а член е и на Европската филмска академија. Настанот е дел од едукативната програма на осмото издание на „ЅИРНИ“, кое од 28 септември до 5 октомври во Скопје носи филмска, музичка, театарска и едукативна програма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс