Од авторски права до поезија и перформанс: „Артерија“ продолжува со богатата неделна програма

Дебата за заштитата на книгите, промоции на сликовници и поетски збирки и завршен музичко-поетски перформанс се дел од денешната програма во „Лабораториум“

Фестивалот „Артерија“ денеска продолжува во „Лабораториум“ во Скопје со програма која ги поврзува литературата, издаваштвото, книжевниот превод и перформативните уметности. Во фокусот ќе бидат и прашањата за авторските права во современото издаваштво, но и повеќе промоции на книги за деца, поезија и вечерен музичко-поетски настан.

Програмата започнува напладне со работилницата „Посебни сме зашто сме различни“, инспирирана од сликовницата „Те сакам (безмалку) секогаш“ од Ана Љенас. Работилницата е наменета за деца од 4 до 8 години, а модераторка е Марија Павлеска-Јанкулоска. За учество е потребно претходно пријавување.

Дебата за авторските права во издаваштвото

Во 13 часот следува дебатата „Авторските права во светот на издаваштвото: создавање, преведување и заштита на книгите“. Разговорот ќе го модерира Искра Димковска, а учеснички се писателката Хана Корнети, книжевната преведувачка Елена Конеска-Светиева и Магдалена Лазаревска, правна советничка за интелектуална сопственост.

Дебатата ќе ги отвори прашањата поврзани со создавањето и преведувањето на книжевните дела, правата на авторите и преведувачите и начините на кои книгите се заштитуваат во издавачкиот процес. Во 18 часот програмата продолжува со промоција на сликовницата „Каде се крие Ведран“ од Ива Безиновиќ-Хејдон, во издание на „Чудна шума“. Разговорот ќе го модерира Ана Јовковска.

Вечер посветена на поезијата

Поетската програма започнува во 19 часот со промоција на збирката „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески. За книгата со авторот ќе разговара Ѓоко Здравески. Во 20 часот следува читачка промоција на поетската збирка „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова, во издание на „Бегемот“. Ќе читаат авторката и Мартин Манев.

Еден час подоцна публиката ќе има можност да ја проследи промоцијата на поетската збирка „Вардарска“ од Марија Грубор. Со авторката ќе разговара Елена Пренџова. Фестивалската вечер ќе заврши со перформанс во кој поезијата на Марија Грубор ќе се спои со музиката на Филип Букршлиев, Андреа Мирческа и Никола Ивановски.

Со различните програмски формати, од работилница за најмладите и разговор за авторските права до книжевни промоции и музичко-поетски перформанс, „Артерија“ и денеска ја продолжува идејата за фестивал што ги поврзува книжевноста со пошироката уметничка сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс