Од атентат до Нобелова награда, приказната за Малала Јусафзаи

На 9 октомври 2012 година, талибански напаѓач влезе во училишниот автобус и пукаше во Малала Јусафзаи. Четиринаесет години подоцна, повеќе од 130 милиони девојчиња во светот сè уште не одат на училиште.

Малала Јусафзаи го добила името по Малалај од Маиванд, паштунска народна хероина која се борела против британските сили во Авганистан во 19 век. Нејзиниот татко, Зијаудин Јусафзаи, раководел со училиште во долината Сват, во северозападен Пакистан, каде што Малала растела во средина во која образованието било важен дел од нејзиниот живот.

Кога талибанците во 2008 и 2009 година го прошириле своето влијание во регионот и почнале да им забрануваат на девојчињата да посетуваат училиште, Малала имала само 11 години. Наместо да молчи, почнала да пишува блог за Би-би-си на урду, под псевдонимот Гул Макаи, што во превод значи „пченкарен цвет“. Во своите текстови пишувала за стравот, затворените училишта и едноставната желба да продолжи да учи.

Автобусот

На 9 октомври 2012 година, во Мингора, вооружен напаѓач поврзан со пакистанските талибанци го запрел училишниот автобус и прашал која од девојчињата е Малала. Кога ја идентификувал, пукал во неа. Куршумот ја погодил во главата, а во нападот биле повредени и две нејзини соученички. Малала прво била пренесена во воена болница во Пакистан, а потоа, поради сериозноста на повредите, била префрлена во Бирмингем, Велика Британија, каде што продолжила со лекувањето и закрепнувањето. Талибанците јавно ја презеле одговорноста за нападот, со образложение дека Малала била мета поради нејзиниот јавен ангажман за правото на девојчињата на образование.

Но, нападот не ја замолкнал. Напротив, од тој момент нејзиниот глас станал уште погласен и стигнал многу подалеку од долината Сват.

Од жртва до глас

На 12 јули 2013 година, девет месеци по нападот, Малала го одбележала својот 16-ти роденден со говор пред Обединетите нации во Њујорк. Во него зборувала за образованието како право, а не како привилегија и испратила порака која подоцна стана симбол на нејзината борба: дека едно дете, еден учител, една книга и едно пенкало можат да го променат светот. Обединетите нации го одбележуваат 12 јули како Ден на Малала, а истата година таа го основала Фондот „Малала“, организација посветена на правото на сите девојчиња на образование.

Во 2014 година, на само 17 години, Малала ја добила Нобеловата награда за мир, заедно со индискиот активист за детски права Каилаш Сатјарти. Со тоа станала најмладата добитничка на Нобелова награда во историјата. Наместо приказната да заврши со наградата, таа продолжила да работи на истото прашање што ја довело пред светската јавност – пристапот на девојчињата до образование.

Во 2020 година дипломирала филозофија, политика и економија на Универзитетот во Оксфорд. Нејзината лична приказна така добила и една важна симболика: девојчето на кое му било кажано дека нема место во училницата, стигнало до една од најпрестижните светски универзитетски институции.

Бројките денес

Малала стана глобален симбол, но проблемот за кој зборува не исчезна. Според податоците на УНЕСКО, во светот и понатаму има повеќе од 130 милиони девојчиња кои не посетуваат училиште. Истовремено, постигнат е значителен напредок во пристапот на жените до високото образование: бројот на жени запишани во високото образование пораснал од околу 41 милион во 1995 година на околу 139 милиони во 2025 година.

Но, напредокот не е еднаков насекаде. Во соседен Авганистан, по враќањето на талибанците на власт во 2021 година, девојчињата и девојките се соочуваат со забрана за образование над основното ниво. Авганистан останува единствената земја во светот во која на девојчињата и жените им е формално забрането средното и високото образование. Така, прашањето со кое Малала се соочила како 11-годишно девојче и денес е реалност за милиони други.

Бројките, сепак, кажуваат само еден дел од приказната. Зад секоја статистика стои девојче кое можеби сака да стане лекарка, инженерка, писателка, професорка или едноставно да има можност само да избере што ќе прави со својот живот.

А кај нас?

Во Македонија не постои забрана девојчињата да одат на училиште, но тоа не значи дека правото на образование е еднакво достапно за сите деца. Проблемот се појавува и преку осипувањето од образовниот систем, особено кај ранливите групи и кај дел од ромските деца.

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2025 година се посочуваат слабости во спречувањето на осипувањето од училиштата, поддршката за децата кои го напуштаат образованието и целосното спроведување на задолжителното образование. Тоа покажува дека правото на образование не зависи само од тоа дали некој формално му забранува на детето да оди на училиште, туку и од тоа дали системот навреме ќе препознае дека детето почнало да исчезнува од училницата.

Правото на образование не се губи само со куршум. Понекогаш се губи тивко, кога детето престанува да доаѓа на час, кога семејството нема услови да го поддржи, кога сиромаштијата го заменува училиштето со работа или кога институциите предоцна забележуваат дека едно дете веќе го напуштило образовниот систем.

Затоа приказната за Малала не е само приказна за едно девојче од долината Сват. Таа е потсетување дека образованието може да изгледа како нешто што се подразбира сè додека некој не се обиде да ти го одземе. А тогаш станува јасно колку вредат книгата, училницата и едноставното право да седнеш на училишна клупа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс