Нови детали од истрагата против поранешната директорка на албанската разузнавачка служба ШИШ, Влора Хисени, откриваат интензивна комуникација со бизнисменот Ергис Агаси, еден од главните осомничени во истрагата за злоупотреби со државни тендери.
Албанските медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал – СПАК, објавија дел од пораките што наводно ги разменувале Хисени и Агаси додека бизнисменот бил во бегство.
„Душо, едноставно мора да се концентрираме на твојот проблем“, „Лошо ќе завршиме, душо“ и „Тој што ни го направи ова мора да плати“, се дел од пораките што им се припишуваат на поранешната разузнавачка директорка и бизнисменот.
Според албанските медиуми, истражителите сметаат дека комуникацијата не се ограничувала само на службени контакти. СПАК се сомнева дека Хисени покажала подготвеност да му помогне на Агаси во кривичната постапка и дека за таа цел можела да ги стави на располагање својата службена положба и институционалните капацитети на разузнавачката служба.
Од 28 јуни до 26 август 2026 година, кога Агаси бил уапсен, меѓу нив биле регистрирани повеќе од 100 телефонски и видеоповици преку апликацијата „Сигнал“, како и стотици текстуални пораки и разменети фотографии. Според податоците објавени од албанските медиуми, станувало збор за 70 дојдовни, 17 појдовни, 28 пропуштени и 25 неодговорени повици.
Особено внимание во истрагата предизвикало откривањето девет страници со информации означени како доверливи материјали на ШИШ во автомобилот на Агаси. Документите биле пронајдени при неговото апсење, а истражителите сега ја утврдуваат нивната автентичност и начинот на кој стигнале до бизнисменот.
Хисени била сослушана од Националното истражно биро на 18 септември, првично како лице што има сознанија за случајот. Таа ја признала континуираната телефонска комуникација со Агаси, но тврдела дека тој бил соработник на разузнавачката служба. Негирала дека физички се среќавала со него или дека му доставувала доверливи информации.
Според медиумските извештаи, обвинителството не го прифатило ова објаснување бидејќи за евентуалното ангажирање на Агаси како соработник не постоела соодветна службена евиденција ниту биле информирани другите надлежни лица во ШИШ.
На Хисени ѝ е определен куќен притвор поради сомнение за откривање државна тајна и помагање на сторител на кривично дело. Станува збор за мерка за обезбедување присуство во постапката, а не за утврдена вина.
Ергис Агаси беше уапсен на 26 август во Драч, откако од декември 2025 година беше во бегство. Тој е опфатен со пошироката истрага за јавните набавки во Националната агенција за информациско општество – АКШИ.
СПАК го истражува поради сомнение за нарушување на конкуренцијата на јавни тендери, дејствување во структурирана криминална група, перење пари и активна корупција на јавни службеници. Постапката е во тек, а конечната одговорност на осомничените треба да ја утврди судот.