„Нож и виљушка на европска чинија“ утре во Паркот на Франкофонијата

Настанот ќе понуди храна инспирирана од европските кујни, програма за деца и музички настапи од пладне до полноќ.

Паркот на Франкофонијата утре, 9 мај, ќе се претвори во отворена градска сцена за вкусови, музика и дружење, со целодневниот гастрономско-музички настан „Нож и виљушка на европска чинија“.

Настанот ќе започне напладне, во 12 часот, и е замислен како културно и гастрономско дружење за сите генерации. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во храна инспирирана од различни европски кујни, музичка програма и семејна атмосфера на отворено.

„Нож и виљушка на европска чинија“ има цел да ги поврзе различностите преку храната, музиката и урбаното заедништво, носејќи ја атмосферата на европска отвореност во локален и близок градски формат.

Програмата започнува во 12 часот со DJ Resident, а од 13 часот најмладите ќе се забавуваат со „Поточиња“. Попладневниот дел продолжува во 14:30 часот со „Блуз на трпеза“ во изведба на In the Mood / Spark, додека од 17:30 часот атмосферата ќе ја загрее DJ Carlito.

Вечерната програма ќе започне во 19:30 часот со настап на „Виа Скопје“, по што од 21:30 часот следува DJ Александар Јорданов. Од 22:45 часот публиката ќе ја забавува „Куку Леле“, а музичката вечер ќе ја заокружи „Ипче Брас Левис Бенд“ со настап од полноќ до 1 часот по полноќ.

Организаторите ги покануваат граѓаните да бидат дел од ова целодневно доживување исполнето со европски вкусови, музика и дружење во Паркот на Франкофонијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни