Нови детали за нападот кај исламскиот центар во Сан Диего

Полицијата во Сан Диего истражува дали нападот бил мотивиран од омраза, откако во близина на исламскиот центар беа убиени тројца мажи, а двајцата осомничени тинејџери беа пронајдени мртви во автомобил.

Нови детали излегуваат за нападот кај Исламскиот центар во Сан Диего, во кој загинаа тројца возрасни мажи, меѓу нив и обезбедувач кој, според локалните власти, помогнал да се спречи уште поголема трагедија. Двајцата осомничени, тинејџери на возраст од 17 и 18 години, биле пронајдени мртви во автомобил неколку улици подалеку од местото на нападот, со повреди што укажуваат на самонанесени прострелни рани.

Според американските медиуми, полицијата уште пред пукањето трагала по еден од осомничените, откако неговата мајка пријавила дека нејзиниот син е исчезнат, дека веројатно е суициден и дека од домот недостасуваат оружје и возило. Таа пријавила и дека тој бил со уште едно лице, а двајцата биле облечени во маскирна облека. Додека полицијата се обидувала да ги лоцира, околу 11.43 часот добила пријава за пукање кај Исламскиот центар во Сан Диего.

Што се знае за еден од осомничените?

Американски медиуми објавија дека еден од осомничените бил 17-годишен средношколец од Сан Диего, поранешен ученик и спортист, кој во последниот период следел онлајн настава и требало да матурира оваа година. Според извори запознаени со истрагата, најмалку едно од оружјата било земено од домот на родителите, а бил оставен и белешка во која се споменувала „расна гордост“.

Истражителите проверуваат и можни антиисламски пораки пронајдени во автомобилот во кој биле најдени осомничените, како и на оружје поврзано со нападот. Полицијата засега не објавува конечен мотив, но случајот се истражува како можно злосторство од омраза поради локацијата на нападот и пронајдената реторика.

Деца се криеле во училиштето во рамки на центарот

Во рамки на исламскиот центар функционира и училиште. За време на нападот таму имало деца, но според досегашните информации ниту едно дете не било повредено. Дел од учениците се криеле додека траело пукањето, а потоа биле евакуирани од полицијата.

Трите жртви биле пронајдени пред објектот. Еден од нив бил обезбедувачот на центарот, кого локалната заедница го опишува како човек што реагирал храбро и со тоа можеби спасил други животи. Полицијата соопшти дека пристигнала на местото за неколку минути по првата пријава.

Нападот ја потресе муслиманската заедница во Сан Диего и повторно го отвори прашањето за безбедноста на верските објекти во САД, особено во период на зголемени тензии и говор на омраза. Градоначалникот на Сан Диего, Тод Глорија, порача дека „омразата нема дом“ во градот, додека локалните и федералните власти продолжуваат да ги утврдуваат сите околности на нападот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс