Плаќањето на вообичаената туристичка такса или издвојувањето педесет центи за користење јавен тоалет веќе долго време се сметаат за стандарден трошок при секое патување низ Европа. Сепак, ова лето туристите се соочуваат со бран сосема нови и прилично бизарни изненадувања кои драстично го поскапуваат буџетот за одмор. Најновиот шок доаѓа од шпанските плажи, каде што започна со тестирање систем на „паметни тушеви“ кои буквално се наплаќаат по минута. На плажата Коста де ла Луз во местото Маталаскањас, капачите можат да ја исплакнат солта од себе дури откако ќе уплатат пари во готово или преку QR-код на нивниот паметен телефон. Оваа мерка е воведена со цел да се заштеди водата како скапоцен ресурс, а цената за една минута туширање изнесува околу едно евро. Тоа значи дека едно четиричлено семејство на крајот од денот ќе треба да издвои околу четири евра само за брзо плакнење, што предизвика лавина од револт кај локалното население и кај странците кои коментираат дека е апсурдно да се влегува под туш со мобилен телефон во рака кој лесно може да се намокри или скрши.
Ваквата тенденција за наплата на апсолутно сè не ги одмина ниту рестораните во Италија, каде што традиционалната ставка „коперто“, односно надоместокот за поставување на масата и услугата, дополнително ги збунува гостите. И додека во повеќето земји се подразбира дека чинијата, приборот и корпата со леб се вклучени во финалната цена, италијанските угостители редовно наплаќаат по неколку евра по лице за овие елементи, а туристите во Венеција се жалат дека на сметките им се појавуваат и грицки или предјадења кои воопшто не ги нарачале, под изговор дека тие „одат во пакет со пијалокот“, иако на крајот сепак мора уредно да се платат. Ситуацијата не е подобра ниту со наемот на плажна опрема која бележи рекорден скок на цените во однос на претходните години. Па така, на плажите во Палма де Мајорка, дневно изнајмување обична лежалка и чадор ова лето чини десет евра, за разлика од шест евра во предпандемискиот период, додека цените за луксузните премиум кревети достигнуваат астрономски 70 евра за само еден ден.
Уште почудна практика се појави во Австрија, каде што рестораните почнаа отворено да наплаќаат казна доколку повеќе лица сакаат да споделат еден оброк. Едно семејство останало затечено во пицерија во Грискирхен кога на менито прочитало известување дека пиците се наплаќаат по лице, па за две мали деца морале да платат речиси 40 евра за вечера со пици чија почетна цена е 11 евра. Овој нов трошок во Австрија сè почесто се евидентира на сметките како „чинија за споделување“ и може да ве чини дури осум дополнителни евра само за тоа што келнерот ви донел уште еден празен прибор на масата. Ова потсетува на веќе познатиот случај од Италија каде што бар на езерото Комо им наплати на гостите две евра само за услугата да им го пресече нарачаниот сендвич на половина.
Дека ситница за која никогаш не сме размислувале сега има своја цена, потврдува и искуството на една туристка на Коста дел Сол во Шпанија, на која во сметката за ладно кафе и биле пресметани дополнителни 50 центи за две коцки мраз. Сопствениците на угостителските објекти се правдаат дека ваквите потези се нужни поради енормните оперативни трошоци, посочувајќи дека професионалните машини за мраз чинат по неколку илјади евра и трошат огромно количество електрична енергија. На сето ова се надоврзуваат и скриените трошоци во приватното сместување и хотелите низ Рим и Фиренца, каде што чистата постелнина и крпите веќе не се подразбираат во цената на ноќевањето, па гостите при пристигнувањето се соочуваат со принудна доплата од триесетина евра за овие основни текстилни елементи. Патувањето во Европа очигледно добива нова димензија во која секој детаљ има своја тарифа, па туристите ќе мора добро да го читаат ситниот текст пред да нарачаат или да се сместат.