По повод најновата премиера, трета по ред дел од годишната програма за 2026 година, со наслов „Секстет“ од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, се одржа прес-конференција во Битолскиот театар.
Премиерата ќе се изведе на 25.04.2026 и е потполно распродадена, а првата изведба е на 27.04.2026 со почеток од 20 часот.
Присутните ги поздрави директорот на НТБ Битола Васко Мавровски.
-По пауза од 25 години, задоволство е повторно да се постави ваков тип на комедија — жанр кој со својата динамика, духовитост и современ сценски израз ветува одлична комуникација со публиката. Последниот водвиљ кој бил поставен на сцената беше- 2001 година, „Болва во уво“ во режија на Владимир Талевски и после една долга пауза од толку години на публиката ќе и понудиме еден нов, современ модерен водвиљ. Авторот е познат по тоа што има напишано повеќе од седумдесет водвиљи. Имаме претстава која недостигаше на репертоарот. Се обидуваме сè уште да го пронајдеме вистинскиот пат и на публиката да и го понудиме она што сака да го гледа. Мислам дека сме на вистинскиот пат. Бројките зборуваат дека во периодот од 2024 во Битолски театар имало пет илјади триста осумдесет и девет гледачи, за тоа во 2026. да биде зголемено за цели педесет и осум проценти, односно во првиот квартал за оваа година имаме посета од осум илјади триста и деведесет гледачи, а бројот на претстави сме го зголемиле од триесет и една на педесет во овој прв квартал јануари, февруари, март. Тоа зборува дека интересот на публиката е огромен. Тоа е еден феномен, целосно претставите успеваме да ги продадеме онлајн. Функционира билетарата. Веќе и ние се навикнавме на брзиот ритам на работа. Мислам дека и екипата, и актерите и сите технички помошни служби кои работат во театарот имаат мотив и мислам дека се движиме во вистинската насока“.
Режисерот Марјан Георгиевски истакна:
„ Како млади вљубеници во театарот го гледавме тој жанр на претстави и можеби ни беа и првиот контакт со театарот и првото чувство дека еве се случува некаква игра и сакаме и ние тоа да го правиме. Но низ годините, работевме друг тип на претстави кој навистина беше поинаков и решивме да направиме водвиљ кој што како генерација ние не го доживеавме искуствено на сцена и навистина беше едно големо задоволство и голема возбуда да се нафатиме на тој подвиг. Комедијата не се поставува многу често, затоа што е една пеколна работа, многу тешка. На публиката и делува ека сето тоа се случува многу лесно и едноставно, но но тоа не е така. Јас пред се сум актер, но исто така и режисер и ми беше голем предизвик да се впуштам во еден ваков процес и размислував многу околу тоа која ќе биде екипата која што ќе влезе во овој процес“.
Претставата е адаптација по делото на Марк Камолети, „Не се дотерувај за вечера“.
„Затоа што Камолети е еден од најпоставуваните автори на водвиљи, поставуван е во над педесет и пет земји и се игра низ годините. Еден сериозен мајстор во пишувањето на комедијата. Секоја реплика е предвидена, секое дејствие што се случува во самата драма има зошто и има како. И едвај чекаме да се сретнеме со публиката, затоа што ова е претстава за публика. И сигурно се прашуваме исто така зошто комедија денес? Затоа што секојдневно се случуваат најразлични работи во светот. Постојано живееме во стравови и постојано живееме во различни турбуленции, премногу стрес во ова денешно време. Добро е да имаме една претстава која што ќе ни дозволи малку да избегаме од целото тоа секојдневие, да земеме воздух и да се посмееме“, додава Георгиевски.
Во претставата играат: Бернар -Николче Пројчевски, Жаклина-Катерина Аневска Дранговска, Роберт -Александар Димитровски, Сузан-Сандра Грибовска Илиевска, Сузет -Марија Цветановска, Џорџ-Борче Ѓаковски.
„Еве веќе една година да сум дел од Битолски театар и од овој ансамбл и сум пресреќна. И сакам да се заблагодарам на Марјан за приликата што ми ја даде да сум дел од оваа претстава. Пред се тој не беше поставен према нас како режисер, туку како актер, колега, како другар и како многу добар комичар. Јас од него научив многу работи. Сум имала прилика да работам во комедија, но не ваков тип. Не е комедијата само да смислам лик и тој да биде смешен и да смислам неколку смешки и тоа да биде тоа, него сфатив дека во комедијата има многу математика и многу треба да биде се прецизно и точно и дека за еден збор или за едно нешто, ако другиот лик му промакне или се испушти, дека се веќе ќе се распадне како една кула од карти или од коцки“, изјави актерката Марија Цветановска.