Search
Интервју со Сара Климоска, актерка

Нова крв на даските на Драмски театар Скопје

Сара Климоска, македонска актерка која со своите улоги ја има одбележано и домашната и меѓународната уметничка сцена, ги споделува своите искуства и визии за иднината на филмот и театарот. Во ексклузивно интервју за Трн, таа раскажува за своите улоги, предизвиците на уметничкиот пат, и како ја гледа врската помеѓу домашната и меѓународната сцена. Сара, за читателите на Трн открива дека ќе заплови во режисерски води, споделувајќи дека нејзиното сценарио беше одбрано од илјадници проекти за EUROPEAN SHORT PITCH. Прочитајте и за нејзиното искуство со Нетфликс подолу во интервјуто.

Трн: Важиш за една од македонските актерки која има најмногу филмови зад себе, колку тоа тебе ти импомира и што значи за твојата кариера?

Сара: Навистина сум среќна што сум ја имала можноста да работам на доста проекти на филм, а и во театар. Горда сум на секој сработен проект бидејќи знам дека сум се вложила максимално во тоа. Некои од проектите биле многу квалитетни и успешни и тоа носи нови проекти и можности. Тоа многу често се препознава надвор, но понекогаш и тука кај нас.

Трн: Интернационална или домашна кариера или и двете?

Сара: Јас завршив студии на ФДУ и од тогаш живеам во Скопје, така што, интернационална кариера не би ја направила доколку не почнев од домашни проекти. Јас многу ја почитувам и и се радувам на секоја улога која ми е дадена од моите колеги и се надевам дека и ќе продолжам да работам тука. Пазарот надвор е потежок и со поголема конкуренција, но толму тие предизвици мене ми се возбудливи.  

Трн: Кој е твојот најголем успех досега?

Сара: Мојот успех е секоја завршена улога. И оние за кои мислам дека сум завршила одлична задача, а особено оние улоги од кои не сум толку задоволна. Тие вторите ме научиле и повеќе.

Но сепак, за огромен успех би издвоила еден проект во кој ќе дебитирам како сценарист и режисер. Неодамна, моето прво краткометражно сценарио влезе во една од најпрестижните програми за развој на сценарио и пичинг EUROPEAN SHORT PITCH каде секоја година од илјадници проекти, влегуваат само дванаесет. Тоа ми е огромна потврда кога влегувам во режисерските води. Продуцент на филмот е Вардан Тозија и во моментов се работи на финансирање на филмот. Се надевам дека крајот на оваа година или следната ќе го снимам.

Трн: Вработување во Драмски театар после низа награди, филмови и улоги. Дали твоето вработување во Драмски театар Скопје дојде како логичен след на сите твои успеси?

Сара: Нема логичен след на работите, особено како уметник. Имаше аудиција на кој се пријавија глумци и комисијата одлучи кој ќе влезе. Многу ме исполнува моментот што влегоа со мене уште девет млади и талентирани актери и актерки и искрено верувам дека со нив во иднина ќе создавам претстави со кои ќе бидам горда и дека тоа ќе влијае многу на иднината на Драмски театар и на естетската вредност на идните претстави.

Трн: Филм или театар и зошто?

Сара: И филмот и театарот си носат своие предизвици. Важно ми е да бидам во проект кој длабоко ме исполнува и преку кој имам што да кажам. Дали е филм или театар, е неважно.

Трн: Горан Столевски или Милчо Манчевски ?

Сара: И Горан Столевски и Милчо Манчевски.

Трн: Си играла со различни екипи, со кого соработката ти е полесна ? Со македонските или странските актери/ки и во што е разликата ?

Сара: Посветен актер е посветен актер, без разлика од каде доаѓа. Сум доживеала одлични искуства и со домашните, а и со странските актери. Принципот на работа, не е толку различен, па и живеењето како независен уметник исто така често е борба и надвор од тука. Ние сепак ја имаме привилегијата да се вработиме во театар и да добиваме плата, а тоа не е случај надвор.

Трн: Ќе бидеш дел од новата претстава на Драмски театар, која улога ја играш и каков предизвик е ова за тебе?

Сара: Искрено сум пресреќна што почнувам со работа во Драмски театар со режисерот Васил Христов со кого одамна имав желба да соработувам, знаејќи му ги претставите. Сеуште се работи на драматургијата на текстот Хеда Габлер од Хендрих Ибзен и мојот лик е спој на два лика, па едвај чекам да го видам материјалот со кој ќе работиме. Имаме генијална подела и верувам дека и претставата ќе биде таква.

Трн: Од сите твои улоги, која најмногу те отсликува тебе лично ?

Сара: Улога за која речиси сум била сигурна дека ќе ја добијам е Анета во филмот Види ја ти неа, во режија на Горан Столевски. Ми се чинеше дека е инспирирана од мојот личен живот. Но, во секоја улога до сега наоѓам некоја сличност со себе. Сепак, сите улоги се човечки битија со човечки приказни и направени се за глумците и публиката да се идентификуваат со нив.

Трн: Си одбила ли некогаш улога и ако да зошто ?  или Во каков филм/претстава никогаш не би играла?

Сара: Да, сум одбила доста улоги. Некои од технички причини кога ми се поклопувале проектите,а некои бидејќи не ми се допаѓале и биле спротивно на моите поимања за уметност. Не би играла во филм или претстава со која имам идеолошко, етичко и морално несогласување или со естетика која мислам дека е застарена и непотребна да се работи во ова време.

Трн: Снимаше филм за Нетфликс, како се случи соработката, какво искуство беше и може ли да споделиш за каков филм се работи ?

Сара: Не смеам да ви го кажам името на филмот и да споделувам детали, тоа го гарантира мојот потпис во договор за деловна тајна. Соработката се случи како што обично се случува, по пат на кастинг. Се работи за американски филм, со доста звезди од Америка, Англија и Австралија. Се уште не знам кога би била премиерата, но тоа може да биде и друга пригода за интервју.

Трн: Ти лично, какви филмови сакаш, од кој жанр ти се омилени?

Сара: Немам омилен жанр, сакам филмови кои ме изместуваат и ме возбудуваат. Со задоволство пратам светска кинематографија и за секоја година можам да си издвојам барем еден омилен филм.

Трн: Имаш ли омилени актери, актерки?

Сара: Да, се разбира. Наталија Теодосиева, Оливиа Колман, Рики Џарвејс, Ентони Хопкинс, Мерил Стрип, Маргарет Куали и многу други…

Насловна фотографија: Џон Павлиш

Најново

Последни колумни