Нова криза во Ормутскиот Теснец по напад врз трговски брод

Ормутскиот Теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и природен гас

Меѓународната поморска организација (IMO) при Обединетите нации ја суспендираше планираната евакуација на повеќе од 11.000 морнари кои останаа блокирани во Ормутскиот Теснец. Одлуката е донесена откако беше нападнат товарен брод што пловел низ оваа стратешки важна поморска рута, јавува Би-Би-Си.

Нападнат товарен брод

Британската агенција за поморска безбедност (UKMTO) соопшти дека во четвртокот товарен брод бил погоден од „неидентификуван проектил“ на околу 7,5 наутички милји југоисточно од оманското пристаниште Дахит.

Според досегашните информации, нема загинати или повредени. Компанијата за поморска безбедност Vanguard соопшти дека станува збор за бродот Ever Lovely, кој плови под знамето на Сингапур. И покрај нападот, бродот го продолжил патувањето низ Ормутскиот Теснец.

Американски медиуми, повикувајќи се на неименувани официјални лица, тврдат дека зад нападот стои Иран.

Прекината евакуацијата на морнарите

Генералниот секретар на IMO, Арсенио Домингез, изјави дека дел од бродовите веќе биле евакуирани, но дека организацијата мора да обезбеди дополнителни безбедносни гаранции пред продолжување на операцијата. Тој нагласи дека нападнатиот брод не бил дел од организираниот план за евакуација.

„Безбедноста на морнарите секогаш е наш врвен приоритет. За да обезбедиме координиран пристап и сигурна пловидба, евакуацијата ќе биде запрена додека не добиеме појасна слика за состојбата“, изјави Домингез.

Иран предупреди за пловидбата

Иранската Управа за Ормутскиот Теснец на Персискиот Залив (PGSA) предупреди дека на бродовите кои пловат надвор од одредените коридори нема да им биде гарантирана безбедност.

„За сите последици што ќе произлезат од користење неовластени поморски рути ќе одговараат сопствениците, операторите и капетаните на пловилата“, соопшти PGSA преку платформата X.

Илјадници морнари останаа блокирани

Стотици трговски бродови и илјадници морнари се блокирани во Персискиот Залив уште од февруари, кога започна конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Планот на Обединетите нации за евакуација беше претставен дури оваа недела, по повторното отворање на Ормутскиот Теснец. Според IMO, операцијата имала поддршка од Иран, Оман, САД и останатите крајбрежни држави.

Несогласувања околу слободната пловидба

Минатата недела САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата преку документ од 14 точки, со кој Техеран се обврза во наредните 60 дена да вложи максимални напори за безбеден и бесплатен премин на трговските бродови.

Сепак, иранските власти во меѓувреме најавија дека планираат да воведат надоместоци за поморски услуги при преминување низ теснецот.

Вашингтон остро се спротивставува на таквата идеја. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека ниту една држава нема право да воведува патарини во Ормутскиот Теснец, кој го нарече „меѓународен пловен пат“.

Нафтата повторно под притисок

Ормутскиот Теснец е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и природен гас. По американско-израелските напади врз Иран кон крајот на февруари, Техеран практично го затвори теснецот, што предизвика нагол раст на цените на нафтата и нарушувања во снабдувањето со суровини.

По потпишувањето на меморандумот меѓу САД и Иран на 17 јуни, цената на суровата нафта повторно почна да се намалува. Во четвртокот кратко падна под 72,5 долари за барел, а подоцна се стабилизираше на околу 73,2 долари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс