Нова авиолинија меѓу Скопје и Анкара, Македонија и Турција

Новата авиолинија до Анкара ќе функционира без државни субвенции, а Македонија и Турција најавуваат засилена економска соработка, карго-врска и амбициозен раст на трговската размена.

Новата авиолинија меѓу Скопје и Анкара ќе започне да функционира без државни субвенции, што според надлежните претставува потврда за нејзината економска оправданост и за интересот на авиокомпаниите за македонскиот пазар. Според најавите, линијата има потенцијал да биде профитабилна и да придонесе за дополнително зајакнување на економските и деловните врски меѓу Македонија и Турција.

„Линијата се очекува да биде рентабилна. Анкара е административен центар на Турција, иако најголемиот дел од бизнис-активностите се концентрирани во Истанбул. Очекувам во наредниот период да имаме уште подобри резултати и натамошен раст на соработката“, беше истакнато во изјавата.

Во рамки на неодамнешниот бизнис-форум во Истанбул било договорено и воспоставување карго-поврзување меѓу Македонија и Турција, со цел да се олесни транспортот на стоки и да се поттикне економската размена меѓу двете земји. Според оценките, оваа иницијатива има особено значење поради стратешката позиција на Коридорот 10, чиј транспортен правец започнува од Истанбул и претставува една од најкратките врски за извоз на турски производи кон земјите од Централна Европа.

На бизнис-форумот учествувале повеќе од 200 компании и претприемачи од двете земји, со над сто претставници од Македонија и над сто од Турција. Притоа биле разгледани можности за нови инвестиции, трговска соработка и заеднички проекти. Амбицијата на двете земји е трговската размена, која моментално изнесува околу 900 милиони долари годишно, да достигне две милијарди долари во наредните години.

Турските компании, како што беше посочено, покажуваат сериозен интерес за инвестирање во Македонија, особено поради пристапот до европскиот пазар преку договорите за слободна трговија и поволната географска позиција на земјата.

Дел од инвеститорите ја разгледуваат Македонија како потенцијална регионална база за проширување на своето присуство на европските пазари, што би можело да донесе нови инвестиции, работни места и дополнителен економски раст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс