Европскиот авионски пазар добива нов нискобуџетен превозник, а цените на билетите би можеле да бидат особено привлечни за патниците. „Fly2Galicia“ планира да започне со работа на 1 декември 2026 година, со база на аеродромот во Сантијаго де Компостела во Шпанија.
Компанијата најпрво планира да го поврзе шпанскиот град со осум дестинации, меѓу кои се и неколку популарни европски центри.
Билети од 19 евра
Најниската најавена цена за еднонасочен билет е 19 евра, а ќе важи за дел од домашните линии. За меѓународните дестинации цените би биле нешто повисоки. Според најавите, билетите до Милано и Брисел би започнувале од 39 евра, додека летовите до Минхен, Прага и Венеција би чинеле од 49 евра.
На домашните линии се планирани и летови до Гранада, Аликанте и Сарагоса. Особено интересен детал за патниците е тоа што рачниот багаж ќе биде вклучен во основната цена. Покрај еден личен предмет, патниците ќе можат да внесат и едно парче рачен багаж со тежина до осум килограми без дополнителна наплата.
17 летови неделно
Во почетната фаза се планирани 17 полетувања неделно, а првичниот распоред би требало да важи до октомври 2027 година. По тој период компанијата ќе ја анализира мрежата и евентуално ќе воведе нови или ќе ги промени постојните линии.
„Fly2Galicia“ има малку поинаков модел од класичните авиокомпании. Компанијата нема сопствен сертификат за воздушен оператор и, според актуелните планови, нема да аплицира за таков сертификат. Наместо тоа, летовите ќе ги реализира романската авиокомпанија „FlyOne“, која ќе ги обезбедува авионите и екипажот.
„Fly2Galicia“ ќе биде задолжена за брендот, продажбата на билети, маркетингот и организацијата на линиите. Поради тоа, моделот е сличен на оној на виртуелна авиокомпанија.
Првиот авион ќе биде Airbus A320
За почеток е планиран Airbus A320 со капацитет до 190 патници.Доколку плановите се реализираат според најавената динамика, компанијата би можела да добие и втор авион во текот на летото 2027 година.
Со новите линии, патниците од северозападна Шпанија би добиле директни врски со повеќе големи европски градови, додека влезот на нов превозник би можел дополнително да ја засили конкуренцијата меѓу нискобуџетните авиокомпании. Клучното прашање ќе биде дали најавените цени од 19 евра ќе останат достапни и откако компанијата ќе го започне редовното работење.