Нов Зеланд не разговарал со Европската Унија за можноста да стане нејзин „асоциран член“, соопшти портпарол на министерот за надворешни работи Винстон Питерс. Демантот доаѓа само еден ден откако претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изјави дека Австралија и Нов Зеланд би можеле да ја следат Канада во продлабочувањето на односите со Унијата.
„Немало дискусии со ЕУ за Нов Зеланд да стане асоциран член“, изјавил портпаролот на Питерс.
Темата се отвори откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 16 септември предложи Канада да стане првиот „асоциран член“ на ЕУ. Идејата е да се создаде нова форма на поблиска соработка со земја која не е полноправна членка на Унијата.
Точниот правен и институционален облик на ваквиот статус сè уште не е дефиниран. Според Мецола, би можел да претставува своевидна средна опција меѓу полноправното членство и статусот на земја-кандидат, со подлабока соработка во области како трговијата, критичните суровини, законодавството и други заеднички интереси.
Во интервју за „Еуроњуз“, Мецола ги спомена Австралија и Нов Зеланд како земји со кои ЕУ веќе има развиени односи и кои би можеле дополнително да ги продлабочат. Но, од Велингтон сега јасно ставаат до знаење дека тоа не значи дека постојат преговори за асоцирано членство.
Слична позиција има и Австралија во однос на продлабочувањето на соработката. Австралискиот министер за трговија Дон Фарел изјави дека неговата земја е „на иста бранова должина“ со Канада во напорите за поблиски односи со ЕУ.
Канада, пак, ја прифати идејата за продлабочување на односите со Унијата. Премиерот Марк Карни во Европскиот парламент ја поддржа иницијативата, во период кога односите меѓу Отава и Вашингтон се дополнително затегнати поради трговските мерки на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп реагираше остро на предлогот за канадско асоцирано членство и предупреди дека ЕУ би можела да се соочи со дополнителни царини доколку иницијативата продолжи. Засега, затоа, Канада е единствената земја за која ЕУ јавно предложи ваков нов модел на партнерство. За Нов Зеланд нема преговори, а неговото име се појави во контекст на изјавата на Мецола за можноста во иднина да се продлабочат односите со други земји.