Сѐ поголем број Европејци ова лето се откажуваат од одморот на жешките плажи и наместо тоа избираат престој во планинските предели, каде температурите се попријатни. Новиот туристички тренд, познат како „алпско лето“, бележи значителен пораст на интересот, а меѓу дестинациите што привлекуваат сѐ повеќе посетители е и соседна Словенија.
Поради сѐ почестите и поинтензивни топлотни бранови, многу патници бараат посвежи локации со езера, планински патеки и природни убавини. Наместо класичен одмор покрај море, тие се одлучуваат за престој во области со попријатна клима.
Терминот „алпско лето“ станува сѐ попопуларен, а според податоците на Google Trends, интересот за оваа форма на туризам годинава е зголемен за 82 проценти во споредба со минатата година. По претходниот тренд „coolcation“, сѐ почесто се користат и поими поврзани со патувања приспособени на климатските промени.
Истражување на Европската комисија за патувања, спроведено меѓу речиси 6.000 испитаници, покажува дека пријатното и стабилно време е вториот најважен фактор при изборот на туристичка дестинација, веднаш по безбедноста.
Зголемената побарувачка веќе се одразува и во туристичката понуда. Сѐ повеќе агенции нудат летни аранжмани во планински региони, а во Словенија особено се издвојуваат Блед и Бохињ како идеална алтернатива на традиционалниот летен одмор покрај море.