Нов бран откази во „Мајкрософт“

„Мајкрософт“ подготвува нова рунда отпуштања што ќе опфати илјадници работни места, како дел од стратегијата за намалување на трошоците и поголеми инвестиции во вештачка интелигенција.

Microsoft се подготвува за нов бран отпуштања што ќе опфати илјадници вработени, како дел од стратегијата за намалување на трошоците и зголемување на инвестициите во вештачката интелигенција, пренесува Business Insider. Според извори запознаени со плановите на компанијата, отказите ќе ги погодат одделите за продажба, консултантски услуги, како и гејминг-дивизијата Xbox.

Се очекува новиот бран да биде помал од ланскиот и да опфати помалку од 2,5 проценти од вкупно околу 220.000 вработени во компанијата. Според информациите, отпуштањата би можеле да бидат официјално објавени следната недела, иако датумот сè уште не е конечен. За дел од погодените работници ќе бидат понудени нови позиции во рамките на компанијата.

Ова не е првпат Microsoft да го намалува бројот на вработени на почетокот на својата нова фискална година. Минатата година компанијата отпушти околу 6.000 работници во мај, а уште 9.000 во јули, што претставуваше околу четири проценти од вкупната работна сила.

Компанијата во последните месеци интензивно ги пренасочува инвестициите кон развој на технологии базирани на вештачка интелигенција, додека истовремено се обидува да ги намали оперативните трошоци. Аналитичарите оценуваат дека ваквата стратегија е одговор на промените во технолошката индустрија и очекувањата на инвеститорите.

Претходно годинава Microsoft понуди и програма за доброволно пензионирање за дел од своите вработени во САД. Според извори од компанијата, околу една третина од оние што ги исполнувале условите ја прифатиле понудата, што придонело сегашниот бран отпуштања да биде помал од минатогодишниот.

Промени се очекуваат и во Xbox, каде што новото раководство најави „ресетирање“ на бизнисот и нова стратегија за развој на гејминг-секторот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс