Терапија и Богомир Дорингер бараат одговор: кој ја гаси ноќната култура на Скопје?

Платформата „Терапија“ организираше стручна трибина со уметникот и истражувач Богомир Дорингер, посветена на улогата на ноќната култура во современиот урбан контекст. Настанот се одржа во Скопје и ги обедини претставниците од повеќе сектори: диџеи, организатори на настани, психотерапевти, автори, универзитетски професори и претставници на јавни институции, со цел да се отвори систематизиран дијалог за значењето и иднината на ноќниот живот во градот.

Во рамки на трибината, гостинот Дорингер, српско-холандски истражувач и куратор, го претстави своето тековно истражување за танцовите ритуали и нивната улога во создавање заедница, емпатија и човечка поврзаност. Преку визуелни материјали и студии на случај, тој укажа дека одржливите културни простори не можат да опстанат само врз основа на ентузијазам, туку бараат јасни и стабилни модели на функционирање, институционална поддршка и споделена одговорност помеѓу јавниот и приватниот сектор.

Учесниците се осврнаа и на променетата состојба на ноќната сцена по трагедијата во Кочани, која резултираше со драстично намалување на бројот на активни ноќни клубови и заострување на регулативата. Во дискусијата беше потенцирано дека безбедноста, доследната примена на правилата, меѓусекторската соработка, поддршката од институциите, граѓанската самоорганизација и едукацијата на публиката се клучни предуслови за обновување на довербата и културната виталност.

Како еден од главните заклучоци се издвојува потребата од формирање независна платформа што би служела како посредник меѓу градските власти, културните чинители, стопанските субјекти и граѓаните, по пример на слични модели во европски градови. Дел од присутните изразија подготвеност да се вклучат во иницирање и развивање на такво тело.

Настанот е конципиран како почетна точка на подолгорочен процес кој, преку работилници, мапирање на градот, уметнички интервенции, јавни собири и стручни симпозиуми, има за цел да го истражи и активира културниот потенцијал на Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс