„Њујорк тајмс“: САД стравувале дека Израел ќе ги ликвидира иранските преговарачи и ќе ги урне мировните преговори

Американски претставници стравувале дека Израел ќе ги ликвидира клучните ирански преговарачи, што можело да ги загрози мировните разговори меѓу Вашингтон и Техеран, објави „Њујорк тајмс“.

Американски претставници стравувале дека Израел планира ликвидација на високи ирански функционери за време на чувствителните мировни преговори меѓу Вашингтон и Техеран, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на сегашни и поранешни американски претставници.

Според извештајот, најголема загриженост постоела дека евентуален атентат врз иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи или претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф би можел целосно да ги урне разговорите за привремен мировен договор. Во периодот кога преговорите добиле интензитет, американската администрација, наводно, преку регионални посредници го предупредила Иран дека постои можност Израел да ги таргетира двајцата високи функционери.

Иако американските претставници сметале дека тие би можеле да бидат легитимни воени цели за Израел, оцениле дека евентуален напад во текот на дипломатскиот процес ќе предизвика прекин на преговорите и нова ескалација на конфликтот. Според информациите, Галибаф уште претходно бил на списокот на потенцијални цели на Израел. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, побарала од Израел да се воздржи од таква акција додека траат преговорите.

Извештајот наведува и дека иранските власти презеле дополнителни безбедносни мерки за време на дипломатските патувања. При едно патување во Пакистан, иранската делегација побарала гаранции од САД дека нема да биде цел на израелска операција, а поради безбедносна закана авионот со делегацијата принудно слетал во Машхад, по што функционерите патувале неколку часа по копно до Техеран.

И покрај ризиците, иранските претставници продолжиле со дипломатските средби, вклучително и разговорите во Катар и Швајцарија со американската делегација

е-Трн да боцка во твојот инбокс