Никола Ѓуретановиќ собори 30 години стар рекорд на Маленко

Македонскиот пливач на Европското првенство во Париз ја преплива патеката на 200 метри слободно за 1:52,59 и го подобри сопствениот и државниот рекорд.

Македонскиот репрезентативец Никола Ѓуретановиќ постави нов личен и државен рекорд на 200 метри слободен стил за време на Европското првенство во пливачки спортови во Париз. Со оствареното време од 1:52,59 , младиот пливач за 15 стотинки го собори три децении стариот национален рекорд на Александар Маленко, истовремено подобрувајќи го и сопственото најдобро остварување.

Ѓуретановиќ го освои шестото место во својата квалификациска група во која се натпреваруваа десет пливачи. Во вкупниот поредок на 200 метри слободно, македонскиот пливач се позиционираше на 70. место во конкуренција од 90 натпреварувачи.

Резултатот од 1:52,59 е за 27 стотинки побрз од неговиот досегашен личен рекорд (1:52,86). Сепак, ова време не беше доволно за пласман во полуфиналето, каде што обезбедија место 16-те најдобри пливачи од квалификациите.

Како единствен македонски претставник на шампионатот во главниот град на Франција, за Ѓуретановиќ обврските не завршуваат со оваа дисциплина.

Следниот настап го очекува во недела, 16 август, кога ќе се бори за што подобар пласман во квалификациските трки на 400 метри слободен стил, со почеток од 09:30 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс