Англија забранува продажба на енергетски пијалаци за деца под 16 години

Англија од април 2027 година забранува продажба на енергетски пијалаци со висока содржина на кофеин на лица помлади од 16 години со цел подобра заштита на детското здравје.
Фото: Oto Zapletal, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Англија од април следната година ќе воведе забрана за продажба на енергетски пијалаци со висока содржина на кофеин на лица помлади од 16 години. Новото законско решение е дел од владината стратегија за подобрување на здравјето на децата и намалување на негативните последици од прекумерната консумација на кофеин.

Според законот, нема да биде дозволена продажба на пијалаци што содржат повеќе од 150 милиграми кофеин на литар на деца под 16 години. Ограничувањето ќе важи за сите продажни места, вклучително супермаркети, продавници, ресторани, кафулиња, автомати за продажба и онлајн продавници.

Британската влада наведува дека околу 100.000 деца во Англија секојдневно консумираат вакви пијалаци. Истражувањата покажуваат дека редовната употреба може негативно да влијае врз физичкото и менталното здравје, да предизвика нарушувања на сонот, намалена концентрација и послаби училишни резултати.

Особено загрижува фактот што ваквите производи почесто ги консумираат деца од посиромашни средини, што дополнително ги зголемува здравствените и образовните ризици.

Министерката за јавно здравје Шерон Хоџсон изјави дека енергетските пијалаци со висока содржина на кофеин „немаат место во детските раце“, нагласувајќи дека тие можат да придонесат за анксиозност, неквалитетен сон и намалена способност за концентрација.

Од новите правила се изземени чајот, кафето и безалкохолните пијалаци со пониско ниво на кофеин, како и продажбата меѓу компании. Забраната ќе ги опфати најпознатите брендови на енергетски пијалаци кои ја надминуваат дозволената граница на кофеин и веќе носат предупредување дека не се препорачуваат за деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс