Силното невреме што ја зафати земјава предизвика големи материјални штети, а најпогодено е Скопје, каде според податоците на Министерството за внатрешни работи до 22 часот биле евидентирани 189 паднати дрвја, 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени кровови, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.
Од МВР информираат дека полициските службеници, заедно со останатите надлежни институции, се на терен и постапуваат по сите пријави со цел расчистување на последиците, обезбедување на безбедноста на граѓаните и нормализирање на сообраќајот.
Невремето предизвикало штети и на повеќе објекти од витално значење, меѓу кои зградите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Полициската база „Петровец“, објектот „Нова Македонија“, како и зградите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.
Штети и во други градови
Во Куманово се регистрирани девет оштетени возила и три оштетени кровови, додека во Тетово се пријавени пет случаи три оштетувања на возила и две на кровни конструкции. Во Штип се евидентирани 14 оштетени возила и шест оштетени кровови, а во Велес две возила биле оштетени од паднати дрвја.
Во Струмица, пак, паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци предизвикале прекин во снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица. Од МВР наведуваат дека во Гостивар нема пријавени материјални штети ниту повредени лица.
Проблеми и на аеродромот
На Граничниот премин „Меѓународен аеродром Скопје“ било регистрирано протекување на кровната конструкција, поради што излезот од државата бил привремено прекинат околу час и половина. Штети се пријавени и во Транзитниот центар Табановце, каде се оштетени дел од привремените објекти за сместување мигранти, како и неколку паднати дрвја, без поголема материјална штета.
Надлежните институции продолжуваат со расчистување на последиците од невремето и проценка на вкупната материјална штета.