Силното невреме што ја зафати Источна Македонија остави зад себе сериозни материјални штети. Ураганскиот ветер откорна дел од покривната конструкција на Клиничката болница во Штип, предизвикувајќи нарушување на работата на неколку одделенија, додека пожари, паднати дрвја и оштетени објекти се регистрирани и во Свети Николе и Пробиштип.
Во штипската болница најголема штета е предизвикана на одделението за ортопедија, поради што дел од пациентите биле преместени на други одделенија.
„Пациентите се сместени во безбедниот дел од објектот, каде што нема протекување. Доколку биде потребно, ќе продолжиме со нивно префрлање. Станува збор за околу 15 до 20 пациенти. Работата на ортопедијата и интензивната нега е намалена, но медицинските услуги ќе продолжат без прекин“, изјави заменик-директорката на Клиничката болница – Штип, Билјана Ефтимова.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, соопшти дека невремето оштетило и приватни домови, институции и возила, а во делови од градот имало прекин на електричната енергија. „Екипите на јавните претпријатија, противпожарната служба и полицијата се на терен и ги расчистуваат сообраќајниците. Ги повикувам граѓаните да ја пријават секоја штета на приватниот имот за да можеме да направиме целосна проценка“, рече Јорданов.
Сериозни последици има и во Свети Николе, каде што силниот ветер беше проследен со пожари и паднати дрвја. Пожарникарите интервенирале на повеќе локации поради запалена сува трева и ниска вегетација во селата Црнилиште, Сарамзалино и Аџиматово, каде што огнот зафатил и дел од покрив на куќа.
Дополнително, четири противпожарни возила биле ангажирани за расчистување на паднати дрвја на патниот правец Свети Николе – Овче Поле, на улицата „Сутјеска“ и во градскиот парк. Од ТППЕ-Свети Николе апелираат возачите да бидат особено внимателни бидејќи сè уште постои опасност од паѓање нестабилни дрвја и гранки, а граѓаните да избегнуваат движење во близина на дрвја, бандери и оштетени конструкции.
И во Пробиштип веднаш по невремето беше активиран Општинскиот кризен штаб. Градоначалникот Тони Тоневски информираше дека сите надлежни служби работат на расчистување и санација на последиците.
„Ги повикуваме сите граѓани кои имаат потреба од итна интервенција или сакаат да пријават штета да се јават на бројот 112 за да може службите навремено да реагираат“, порача Тоневски.
Надлежните институции остануваат на терен и продолжуваат со проценка на штетите и нормализирање на состојбата во погодените општини.