Попладневното невреме во Скопје предизвика сериозни материјални штети и иницираше повеќе од 1.000 повици на Единствениот број за итни повици 112. Силниот ветер откорна покривни конструкции од згради и од основното училиште „Владо Тасевски“, а паднати дрвја оштетија автомобили, куќа и електрични кабли. Надлежните служби се на терен и работат на отстранување на последиците од невремето, коешто зафати и делови од Куманово.
Силниот ветер кој попладнево го зафати Скопје предизвика голема материјална штета на повеќе локации низ градот. До Единствениот број за итни повици 112 пристигнаа над 1.000 пријави од загрижени граѓани.
На улица „Женевска“ број 10 падна цела кровна конструкција од зграда, при што беа оштетени повеќе патнички возила. Паднат покрив беше евидентиран и на улица „Трифун Бузев“. Истовремено, паднати дрвја предизвикаа штети на автомобили на улиците „Методија Митевски“ и „Никола Тримпаре“, а две паднати дрвја беа регистрирани и на улица „Хелсинки“ број 5.
Невремето направи штети и на јавни објекти и на приватна сопственост. Ветарот откорна дел од кровната конструкција на основното општинско училиште „Владо Тасевски“.
На улица „Скупи“ број 89, паднати дрвја скинаа електрични кабли, оштетија патничко возило и зафатија дел од куќа. Сите надлежни служби беа известени за пријавените штети и веднаш излегоа на терен.
Освен во главниот град, силниот ветер предизвика штети и во други градови низ земјава. Во Куманово беше пријавена падната кровна конструкција на булеварот „Октомвриска револуција“.
Екипите на терен работат на расчистување на паднатите дрвја, покриви и материјали за да се овозможи безбеден сообраќај и нормализирање на состојбата.