Ново невреме се движи кон Македонија, УХМР предупредува на пообилни врнежи

По попладневниот силен ветер и пороен дожд во Скопје, метеоролозите алармираат за нови силни врнежи од дожд што пристигнуваат од соседството.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека нов бран невреме во Македонија пристигнува од Албанија, Косово и Црна Гора. За разлика од попладневниот силен ветер кој направи големи материјални штети во Скопје, овој пат метеоролозите предупредуваат дека фокусот ќе биде на поизразени и пообилни врнежи од дожд.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, атмосферскиот систем од Албанија и Косово во моментов се движи директно кон територијата на Македонија. Метеоролозите нагласуваат дека ова невреме ќе донесе поизразени врнежи, а не силен ветер каков што го зафати главниот град попладнево.

Најавата за нови врнежи доаѓа непосредно по невремето проследено со силен ветер кое создаде сериозни проблеми низ главниот град. До Единствениот број за итни повици 112 пристигнаа над 1.000 пријави од граѓани.

Ветерот откорна покриви од згради, а во повеќе скопски населби паднати дрвја оштетија автомобили, електрични кабли и делови од приватни куќи.

Надлежните служби остануваат на терен да ги расчистуваат последиците од ветрот, додека граѓаните се советуваат да бидат внимателни поради очекуваните обилни врнежи. Се следи состојбата на теренот за да се спречат дополнителни проблеми со одводнувањето во урбаните средини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс