Силно невреме со бурен ветер предизвика материјална штета во повеќе делови на Словенија, а засега нема информации за повредени. Во Љубљана ветерот однел покрив од станбена зграда, додека паднати дрвја оштетиле автомобили, патишта, објекти и една бензинска пумпа.
Најсилните налети се регистрирани на планината Канин, каде ветерот достигнал брзина од 103 километри на час, соопшти Словенечката агенција за животна средина. Поради обилните дождови, надлежните предупредуваат и на зголемена опасност од свлечишта, особено во западните и југозападните делови на земјата.
Метеоролошките модели најавуваат можност за нов, уште посилен бран невреме во југозападна Словенија. Според прогнозите, при движењето кон внатрешноста тој постепено би требало да ослабне.
Невремето стигна и до северна Италија
Невремето зафати и голем дел од северна Италија, каде силниот ветер и дождот предизвикаа нагло опаѓање на температурите. Во Милано превентивно се затворени градските паркови поради опасност од паѓање дрвја и гранки. Проблеми има и во железничкиот сообраќај.
Неколку железнички линии се прекинати или имаат откажани возови поради паднати гранки на пругите. Невремето доаѓа по исклучително топло лето во Италија. Италијанскиот Национален истражувачки совет соопшти дека летото 2026 година било најтоплото во земјата од почетокот на споредливите мерења во 1950 година.