Филмскиот продуцент Симон Афрам поднесе тужба против Нетфликс, барајќи отштета од 105 милиони долари. Тој тврди дека копија од неговиот необјавен филм „Fortitude“, во кој глуми Николас Кејџ, била украдена од студиото на стриминг-компанијата во Холивуд.
Според тужбата поднесена во Калифорнија, Афрам во јуни му доставил на Нетфликс нешифрирана копија од филмот на барање на компанијата. Само девет дена подоцна, Нетфликс го известил дека од нивните простории биле украдени повеќе хард-дискови, меѓу кои и оној што го содржел „Fortitude“.
Продуцентот наведува дека вложил повеќе од 45 милиони долари и седум години работа во проектот, а кражбата сериозно ја намалила неговата пазарна вредност бидејќи постои ризик филмот да заврши на пиратски платформи.
Од Нетфликс соопштија дека ја оспоруваат тужбата, истакнувајќи дека филмот бил доставен без вообичаените безбедносни мерки. Компанијата додава дека спровела истрага за кражбата и презела активности за следење на можна нелегална дистрибуција на филмот.