Етички дебакл како забава: Нетфликс го оживува експериментот од Стенфорд

Триесет доброволци влегуваат зад решетки во обид озлогласената психолошка студија од 1971 година да се претвори во стриминг атракција.
Фото: Netflix

Стриминг платформата Нетфликс најави нова реална серија заснована врз Стенфордскиот затворски експеримент, проект што предизвика остри реакции во јавноста уште пред премиерата закажана за 21 октомври. Во серијата насловена „The New Stanford Prison Experiment“, триесет доброволци ќе влезат во вистински затвор и ќе бидат поделени на чувари и затвореници, со цел да се испита како луѓето реагираат на апсолутна моќ и строга институционална хиерархија.

Форматот предвидува шест епизоди во траење од по 45 минути. Продукцијата ги сместува учесниците во автентичен затворски простор каде што ќе се тестира дали поединците можат да ја задржат сопствената етика и индивидуалност кога врз нив ќе падне притисокот на наметнатите улоги.

Извршната продуцентка Џејн Липшиц изјави дека оригиналниот експеримент секогаш ја фасцинирал, додавајќи дека прашањето за тоа како моќта влијае врз моралните одлуки денес е поактуелно од кога било. Таа процесот на адаптација го опиша како едно од најинтензивните работни искуства во нејзината кариера.

Оригиналниот експеримент го спроведе американскиот социјален психолог Филип Зимбардо во 1971 година на Универзитетот Стенфорд. Од 70 пријавени студенти беа избрани 24 мажи, кои за хонорар од 15 долари дневно требаше да поминат две недели во симулиран затвор сместен во подрумот на факултетот.

Истражувањето излезе од контрола речиси веднаш. Дел од чуварите почнаа системски да ги малтретираат и понижуваат затворениците, додека кај повеќе затвореници се појавија тешки знаци на емоционален колапс. Зимбардо беше принуден предвреме да го прекине проектот по само шест дена.

Научната заедница подоцна го отфрли експериментот како методолошки компромитиран. Подоцнежните анализи покажаа директни насоки од истражувачите кон чуварите како да се однесуваат, сериозни пропусти во водењето на податоците и целосна неможност заклучоците да се сметаат за научна вистина.

Најавата за серијата отвори лавина критики на социјалните мрежи, каде што корисниците потсетуваат дека целта на неуспешните студии е институциите да научат од грешките, а не тие да послужат за евтина стриминг забава.

„Стенфордскиот затворски експеримент е еден од најозлогласените примери за неетично психолошко истражување, а Нетфликс заклучи дека логичен следен чекор е да го реконструира заради забава“, гласи еден од коментарите на платформата Икс. Други корисници, напротив, признаваат дека морбидната љубопитност ќе ги натера да го изгледаат проектот до крај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс