Главниот ирански воен штаб „Хатам ал-Анбија“ во недела упати ново предупредување до САД и одредени земји од Блискиот Исток, наведувајќи дека секоја „грешка“ кон Иран би можела да биде проследена со напади врз американски цели во регионот.
Во соопштението што го пренесоа иранските медиуми, воениот штаб тврди дека располага со разузнавачки информации според кои Вашингтон на неодамнешен состанок во Европа донел одлука, со поддршка на одредени регионални држави, повторно да преземе дејствија против Техеран. Иранската воена команда предупреди дека, доколку САД преземат каква било акција против Иран, американските бази и интереси во регионот би можеле да бидат цел на „континуирани, ефикасни и болни удари“.
Од Техеран дополнително им порачаа на регионалните држави дека доколку продолжат со, како што го опишуваат, „политика на двојни стандарди“ и се приклучат кон американските акции, Иран повеќе нема да покажува воздржаност.
Состанок на САД, Израел и арапските држави
Предупредувањето следува по извештаите за состанок во Германија на високи воени претставници од САД, Израел и повеќе арапски држави. На состанокот, според извештаите, учествувале претставници на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Кувајт, Катар, Јордан и Египет, а тема биле војната со Иран и регионалните тензии.
Американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на двајца израелски функционери, објави дека командантот на Централната команда на американската војска, Бред Купер, кој го свикал состанокот, на учесниците им рекол дека американските сили нема да се повлечат од регионот и покрај иранските напади врз американски бази. На состанокот, според истиот извештај, било разговарано и за плановите за зголемување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.
Техеран поставува услови за продолжување на преговорите
Во недела се огласи и претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, кој изјави дека нема да има враќање на претходната состојба на преговорите доколку Вашингтон не ги исполни условите на Иран. Калибаф изјави дека Техеран бара признавање на, како што ги нарече, „легитимните“ права на иранскиот народ и исполнување на преземените обврски. Според него, условите на Иран му биле пренесени на Вашингтон преку посредници.
САД и Иран на 18 јуни потпишале меморандум за разбирање за прекин на војната во регионот на сите фронтови, вклучително и во Либан. Според договорот, преговорите за конечен договор требало да се одржат во рок од 60 дена, односно до 17 август. Сепак, преговорите останале неизвесни во услови на нова ескалација.
По американско-израелските напади, Техеран го ограничил сообраќајот низ Ормускиот Теснец, додека американските сили вовеле поморска блокада на пловила што патуваат кон или од иранските пристаништа.