Нема бензин на дел од пумпите во Москва по нападот врз рафинеријата: воведени ограничувања

На пумпите на „Газпром њефт“ прво бил ограничен максимумот на 30 литри по автомобил, а потоа на некои места бензинот целосно исчезнал

Недостиг на бензин е забележан на дел од бензинските станици на „Газпром њефт“ во Москва, по ноќниот напад со украински дронови врз Московската рафинерија за нафта во Капотња, објавија руски медиуми. Новинар на рускиот портал „МСК1“ проверил неколку бензински станици на мрежата во московската населба Гољаново и известил дека на една од нив во моментот немало бензин.

Вработен на станицата за порталот изјавил дека претходно им било наложено да постават известување со ограничување од најмногу 30 литри бензин по автомобил, но дека подоцна бензинот целосно снемал. „Сега чекаме да го донесат. Засега не ни кажале кога ќе се случи тоа“, изјавил вработениот.

Претходно, рускиот телеграм-канал „Раньше всех, ну почти“ објавил дека на бензинските станици на „Газпром њефт“ во Москва наутро било воведено ограничување од 30 литри по автомобил. Само ден претходно, според истиот извор, лимитот бил двојно поголем. Од телефонската линија на компанијата, која ограничувања за продажба на бензин во Москва вовела уште пред еден месец, не дале објаснување за новото ограничување што се појавило на повеќе локации.

Од компанијата, сепак, навеле дека ограничувањата може да се разликуваат од една до друга бензинска станица. Како пример бил наведена станица во московската населба Јужно Чертаново, каде лимитот изнесувал 40 литри по автомобил.

Што се случило во рафинеријата?

Московската рафинерија за нафта била погодена во ноќта меѓу саботата и неделата во напад со украински дронови. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопштил дека неколку дронови стигнале до подрачјето на рафинеријата и дека бил оштетен еден објект. Во комплексот биле регистрирани и повеќе пожари. Рафинеријата има номинален капацитет до 14 милиони тони нафта годишно и е еден од клучните извори за снабдување со гориво на Москва.

Украинскиот Генералштаб потврдил дека рафинеријата била цел на напад. Според украинската страна, биле погодени повеќе постројки, меѓу кои единицата за примарна преработка на нафта АВТ-6, комплексна единица за преработка и постројка за изомеризација. Украинските власти тврдат дека рафинеријата произведува автомобилски бензин, дизел и авионско гориво, како и други нафтени деривати, и дека е дел од системот за снабдување на руските вооружени сили.

Московската рафинерија и претходно имала прекини во работата по напади во јуни, кога биле погодени постројките за примарна преработка на нафта. Засега, извештаите за недостиг на бензин се однесуваат на одделни бензински станици, а не на целосен прекин на снабдувањето во Москва.

е-Трн да боцка во твојот инбокс