Search

Некрстени денови

Празниците се фантастични. Особено кај нас. Толку многу долго траат и толку убаво си поминуваме, што самото постоење на реалноста по нив, доаѓа како непријатно изненадување. И тоа е благо речено. Празнициве кои никако да минат, беа особено волшебни. Се помина во најдобар ред. Славеа сите: оние кои имаат планови и надежи за иднината и оние кои само чекаат метеорот да не удри. Првото дете родено во новата година во Македонија испадна машко. Добар почеток. Искрени желби за среќа и радост, овде – онде малку кошкање и се разбира, понекоја домаќинска клетва. Мир Божји.

Но, секоја бајка има крај, па така и нашава, празнична. Бајките обично завршуваат во моментот кога принцот и принцезата ќе се венчаат, а нараторот ќе изусти: “и потоа живееја среќно и весело до крајот на животот“. Нашата бајка наречена вистински живот, ги обработува настаните по свадбата на принцот и принцезата. По првата брачна ноќ доаѓа втората, по првата сезона од серијата доаѓа втората, а по божиќните празници следат Некрстените денови. Буахахахахахаааа!!! (ѓаволска смеа).

Некрстени денови. Период опасен за луѓето, време кога се во движење разни „нечисти“ сили и кога починатите се во близина на своите домови. Тие денови се одликуваат со религиозен страв и разни магиски заштити. Заебано, дами мои и господа. Длабоко замислен и широко загледан во големите бројки 2024 кои небаре го одбројуваат моето присуство на земјата, одлучив годинава да се занимавам со политика. Наместо да уживам во мојата комфорна зона: пребогат уметник (читај: внатрешно богатство), неутрален – поточно супериорен – со мојот возвишен хуманистички пристап и се разбира безусловна љубов кон обесправените и татковината… Jас решив да се вмешам во политичката борба за власт. Да го заиграм орото на одговорноста и визионерството. Вистинска реткост во овие краишта, каде политиката е длабоко вкопана во рововите на националните трагедии од 19 век, уште подлабоко закопувајќи ја судбината на своите гласачи, осудени на сиромаштија на духот и џебот.

Повеќе од четири милијарди луѓе ќе излезат на избори во светот во 2024та година. Избори ќе има и кај нас. Претседателски и парламентарни. Ќе се кандидирам на сите фронтови. Искрено не знам кој Ѓаол ме тера, но се чини нема подобро време за политика од 2024та. Овие избори нема да бидат толку од политички карактер, колку од приватен. Нема да избираме политичко водство, тоа за нас е passé. Ние ќе се занимаваме со основни животни избори од типот: храбро НАПРЕД во неизвесноста на иднината наречена живот, или НАЗАД кон бездната на зомби апокалипсата.

Би можел да се видам себе си како претседател. Или барем премиер. Висок, згоден, дотеран, елоквентен, во борба против примитивизмот на стагнацијата. Фабулозно. Освен пријатниот надворешен изглед, располагам и со конкретни програмски идеи, од кои во оваа прилика, сосем површно ќе ви нафрлам неколку, како тема за размислување.

Македонија – Органски рај на Европа. Ќе одгледуваме пиперки, домати, кромид и марихуана, без крадење и под будното око на пост-колонијални раководители од некоја германска компанија. Подобар продукт од нашиот, на овој свет ќе нема. Процут на селскиот туризам. Од сељаци би еволуирале во селани со полни џебови евра.

Чиста, обновлива енергија. Имаме барем 300 сончеви денови во годината. Не знам што и кого чекаме. Ако станам претседател и премиер, утредента тргнуваме во таа акција.

Македонија – Парламентарна Монархија. Неопходна ни е обединувачка фигура. Крал. Да имаме крал е еквивалент на дејствието: секој ден македонската репрезентација во фудбал игра на Европско првенство. Одеднаш СИТЕ навиваме за истиот тим дами и господа. Повеќе на оваа тема, во мојата детална програма.

Итен влез во ЕУ и апликација за 52та држава на САД. Да бидеме нешто како огромна американска амбасада во Европа. Или ова или ЕУ, нешто мора да “упали“. Најубаво би било и двете. Ние ќе останеме копуци, но барем децата ќе еволуираат.

Триплирање на платите и воведување на универзален личен доход. И така веќе никој не оди на работа. Нека трошат луѓето.

Итно поврзување со сите соседни земји преку современа и брза инфраструктура.

Отворање на границите.

Македонија – прва дигитална држава во светот. Ма, што и тоа да значи.

Културна ренесанса. 10% од целиот промет во државата за ревитализирање на сите антички и средовековни градби, паралелно со вложување во актуелната постоечка продукција. Идентитетот обезбеден.

Легализација на сите дроги. Светските искуства покажуваат дека тоа е корисно за здравјето на луѓето, а уште покорисно за буџетот на државата.

Имам целосно разработена програма и секако многу многу ветувања за вас. Повеќе за тоа во очи на изборите. Ќе ми треба магија за да ве освојам. Гласајте за мене.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

420

Последни колумни