Турската кујна неделава во светски фокус: „Трпезата на наследството“ ги слави вкусовите што ги поврзуваат генерациите

Од 21 до 27 мај низ Туркије и светот ќе се одбележува Неделата на турската кујна 2026, годинава посветена на темата „Трпезата на наследството“. Манифестацијата ја претставува турската гастрономија како културно наследство создавано со векови преку традиција, миграции и заеднички живот.

Неделата на турската кујна и оваа година ќе се одржи под покровителство на првата дама на Туркије, нејзината екселенција Емине Ердоган, а низ бројни дипломатски мисии, културни центри и гастрономски настани ширум светот ќе се претставува богатството на турската традиционална кујна. Годинешната тема „Трпезата на наследството“ става акцент на храната како дел од колективната меморија, семејните ритуали и културниот идентитет, но и како простор каде различни влијанија и традиции се спојувале низ историјата.

Во рамки на манифестацијата ќе се организираат заеднички вечери, дегустации, презентации на традиционални рецепти и работилници за подготовка на автентични турски јадења. Посебен фокус ќе има на старите техники на готвење, како подготовка на јуфка, бавно готвени специјалитети и печење на отворен оган – методи што со генерации се пренесуваат како дел од секојдневната култура на живеење.

Организаторите посочуваат дека турската кујна претставува спој на различни цивилизации, региони и локални традиции, обликувани преку миграции, трговија и историски контакти. Токму затоа, покрај вкусовите, во фокусот е и приказната зад храната – начинот на кој јадењата станале дел од идентитетот на заедниците и нивната културна поврзаност.

Меѓу јадењата што годинава ќе бидат претставени како дел од „Трпезата на наследството“ се кешкек, баклава, манти, долма и хелва – специјалитети кои денес се препознатлив дел од турската гастрономија, но и од пошироката културна мапа на регионот. Преку нив се раскажува приказната за заедничкото наследство, семејните традиции и значењето на храната како симбол на поврзување меѓу луѓето.

Неделата на турската кујна во изминатите години прерасна во глобална културна манифестација преку која Туркије ја промовира својата гастрономија, туризам и културно наследство, а истовремено ги поттикнува разговорите за одржливата исхрана, локалните производи и зачувувањето на традиционалните рецепти во современиот начин на живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс