Научници од Универзитетот на Калифорнија во Риверсајд развиле метод со кој можат да ги идентификуваат деловите од големите раседи каде со години се акумулира тектонска напнатост – информации што би можеле да помогнат во подготовката за идни разорни земјотреси.
Методот бил тестиран на зоната на субдукција кај полуостровот Камчатка во источна Русија и го означил токму подрачјето каде во јули 2025 година се случи земјотрес со магнитуда 8,8. Истражувањето е објавено во научното списание „Geophysical Research Letters“.
Важно е, сепак, да се нагласи дека научниците не можат да кажат кога точно ќе се случи земјотрес. Методот покажува каде долж големите раседи се акумулира напнатост и каде постои поголема веројатност за пукање. „Земјотресите се на насловните страници кога ќе се случат, но раседот тивко акумулира напнатост со години пред тоа. Таа напнатост може да се измери“, објаснува геофизичарот Герет Фанинг, кој го предводел истражувањето со Аксел Периола.
GPS ги открива „заклучените“ делови од раседите
Истражувачите се фокусирале на зоните на субдукција, места каде една тектонска плоча се подвлекува под друга. Токму во овие области се случуваат најсилните земјотреси на планетата, вклучително и потреси со магнитуда над 8,5, кои можат да предизвикаат разорни цунами. Научниците користеле GPS мерења за да ги следат многу малите поместувања на земјиштето. Со помош на алгоритам, тие ги издвоиле деловите од раседот кои се „заклучени“ и во кои се складира голема количина енергија.
Овие области, познати како асперитети, се однесуваат како зони на триење кои го спречуваат движењето на тектонските плочи. Како што се зголемува притисокот, тој на крајот може да биде ослободен преку голем земјотрес.
Тимот ја идентификувал токму таквата зона под Камчатка пред да се случи силниот земјотрес. „Имавме претстава каде се акумулира напнатоста врз основа на релативно ограничен сет податоци. Тоа што методот функционираше толку добро покажува дека има вистински потенцијал“, вели Периола.
Земјотресот кај Камчатка беше меѓу најсилните во историјата
Земјотресот што ја погоди Камчатка на 29 јули 2025 година имаше магнитуда 8,8 и беше шестиот најсилен земјотрес регистриран во светот од 1900 година. Во земјотресот биле оштетени околу 1.400 куќи, а последователното цунами предизвикало штета и на пристаниште во базата за нуклеарни подморници. Предупредувања за цунами биле издадени и за западниот брег на САД.
Истражувањето покажало и дека дури и земјотреси во иста област можат да имаат многу различни последици. Камчатка претходно била погодена од огромен земјотрес во 1952 година, со магнитуда 9,0. Иако земјотресот од 2025 година бил исто така исклучително силен, предизвикал значително помало цунами.
Причината е тоа што пукањето во 2025 година не се проширило до најплитките делови од раседот, каде поместувањето на морското дно би можело да биде многу поголемо.
Не можат да кажат кога ќе се случи земјотресот
Научниците нагласуваат дека новиот метод не може да го предвиди времето на земјотресот, неговата точна магнитуда или големината на идното цунами.
Сепак, доколку методот се покаже успешен и во други региони, би можел да помогне во идентификувањето на области со висок сеизмички ризик и во подобрувањето на плановите за подготовка и одговор при катастрофи. Потенцијална примена има во некои од најопасните сеизмички региони во светот, од Јапонија и Чиле до северозападниот дел на Пацификот.
За Балканот методот не е директно применлив во истата форма, бидејќи во регионот доминираат поинакви типови раседи. Сепак, основниот принцип користење GPS мерења за следење на тектонските поместувања и акумулацијата на напнатост се применува и во регионалните сеизмички истражувања.