НАТО стравува дека тензиите меѓу Трамп и Зеленски ја туркаат Украина кон принуден договор

Вашингтон го ограничи пристапот до сателитската мрежа Старшилд и ги стопираше ракетите за Патриот пред преговорите во Осло
Фото: EPA/JIM LO SCALZO

Отворениот судир меѓу Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски директно ја нагризува одбраната на Украина, соопштува Блумберг. Соединетите Американски Држави го ограничија пристапот до сателитската технологија Старшилд на СпејсИкс и ги задржаа испораките на клучните ракети за противвоздушните системи Патриот. Високи функционери во НАТО стравуваат дека нарушените односи во овој критичен период можат да го принудат Киев на болен и понижувачки мировен договор со Москва пред претстојната тешка зима.

Напнатоста меѓу Белата куќа и Киев прерасна во директна блокада на вооружувањето со кое украинските сили ги одбиваат руските напади. Со задржувањето на ракетите за системите Патриот и ограничувањето на сателитските комуникации Старшилд, Украина губи критична предност на фронтот. Залихите за противвоздушна заштита се сведени на минимум токму во периодот кога руските воздушни напади врз енергетската мрежа стануваат секојдневие.

Во Осло се одржа нова рунда разговори каде Зеленски се сретна со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, додека во преговорите од дистанца се вклучи и советникот Џаред Кушнер. Притисокот врз Киев се засилува паралелно со трката на Трамп за зачувување на републиканското мнозинство на изборите за Конгресот на 3 ноември. Ваквиот тајминг ги остава европските сојузници без капацитет самостојно да ја надоместат воената дупка што ја остава Вашингтон.

„Пред нас е долга, темна и студена зима. Наскоро доаѓа ноември, нивните залихи на ракети за пресретнување паднаа речиси на нула, а можноста на европските држави да испорачаат замена е крајно лимитирана“, предупредува Џастин Логан, директор за одбранбена и надворешна политика при вашингтонскиот институт Като.


Европа нема ресурси брзо да го пополни воениот вакуум доколку Пентагон целосно ја прекине логистиката за Киев. Украинските цивилни жртви растат со секој изминат ден без соодветна воздушна заштита, додека Вашингтон поставува услови што ја менуваат геополитичката реалност на целиот континент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс