Хрватска потпиша договор вреден 250 милиони евра за изградба на новата делница Јадраново – Селце на автопатот А7, со што продолжува реализацијата на еден од најважните инфраструктурни проекти во земјата.
Делницата е долга 12,3 километри и е дел од идната траса Крижишќе – Жута Локва, која треба да ја подобри поврзаноста меѓу Приморско-горанската и Личко-сењската жупанија, како и безбедноста и протокот на сообраќај долж јадранскиот брег. Хрватскиот вицепремиер и министер за море, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ, изјави дека ова е втората фаза од проектот и технички е значително посложена од првата. Според него, станува збор за прва голема патна инвестиција во овој регион по повеќе од 45 години.
Работите на првата делница Крижишќе – Јадраново, вредна 150 милиони евра, треба да започнат до крајот на месецот. Со двете фази, вкупната инвестиција достигнува 400 милиони евра, финансирани целосно од државната компанија Хрватски автопати (HAC), без средства од Европската Унија. Новата делница ќе вклучува 11 мостови и вијадукти, осум тунели, а на изградбата ќе работат меѓу 200 и 300 инженери.
Од Хрватски автопати посочуваат дека ова е една од најсложените делници на идниот автопат А7 поради конфигурацијата на теренот.
Локалните власти очекуваат проектот значително да го намали метежот на Јадранската магистрала, особено во текот на летната туристичка сезона, како и да придонесе за подобра транспортна поврзаност, економски развој и туризам.
Воедно, министерот Бутковиќ најави дека Хрватска следната година планира да воведе електронски систем за наплата на патарина, а продолжуваат и работите на проширување на автопатот Загреб – Карловац и обиколницата кај Загреб.