Американската Федерална управа за воздухопловство (FAA) од денеска започнува со користење систем базиран на вештачка интелигенција за управување со воздушниот сообраќај на три големи аеродроми во поширокото подрачје на Вашингтон.
Новиот систем, наречен SMART, користи клауд-технологија и ќе функционира како поддршка на постојните системи и контролорите на летови. Од FAA нагласуваат дека целта не е да ги замени контролорите, ниту, пак, сам по себе да го реши недостигот од кадар.
Што ќе прави вештачката интелигенција?
SMART, односно системот за стратешко управување со воздушниот простор, рутите и траекториите, ќе анализира голем број податоци – распоредот на летовите, временските прогнози, условите на аеродромите и други оперативни фактори.
Врз основа на тие податоци, системот ќе се обидува однапред да ја предвиди густината на воздушниот сообраќај и можните застои. Идејата е FAA, авиокомпаниите и операторите полесно да ги усогласат најсоодветните рути и времиња за полетување, со што би се намалиле застојот и доцнењата. SMART ќе биде воведен на три аеродроми: „Роналд Реган Вашингтон Национал“, „Вашингтон Далес Интернешнл“ и „Балтимор/Вашингтон Интернешнл Тургуд Маршал“.
Главната писта на аеродромот „Роналд Реган Вашингтон Национал“ е меѓу најоптоварените во САД. Во јануари 2025 година, токму над овој аеродром се случи една од најтешките воздухопловни несреќи во земјата во последните децении, кога во судир со патнички авион учествуваше воен хеликоптер. Загинаа сите патници и членови на екипажот од двете летала.
ВИ како помош за контролорите, а не нивна замена
Контролорите на летови и пред несреќата предупредуваа дека сообраќајот во овој воздушен простор е исклучително интензивен. Во јуни FAA склучи договор со компанијата „Ер Спејс Интелигенс“ од Вашингтон за развој на технологијата. Системот треба да помогне во намалување на доцнењата, подобрување на протокот на летови и зголемување на капацитетот на воздушниот простор.
Американскиот министер за транспорт Шон Дафи во јуни изјави дека воведувањето на технологијата треба значително да го промени начинот на кој се управува со воздушниот простор, со очекување да се намалат илјадници доцнења и откажувања на летови. За патниците, идејата е едноставна: помалку чекање, помалку застои и подобро координирани летови. Но, конечните одлуки и понатаму остануваат во рацете на човечките контролори.