Приказната за Тоше сите ја знаеме. Филмот допрва ќе ни ја покаже

Во Ровињ за првпат беше претставен филмскиот проект на ОХО Продукција за Тоше Проески – игран филм, играна серија и документарна серија за човекот зад митот.

Сите имаат своја приказна за Тоше Проески. Некој го памети по гласот, некој по концертите, некој по песните, а некој по насмевката. Но што се случува кога треба да се сними филм за човек за кого милиони луѓе веќе имаат сопствено сеќавање? Токму тоа е предизвикот со кој се соочува новиот проект на ОХО Продукција, претставен за првпат пред публика на Weekend.19 во Ровињ.

Во Старата фабрика за тутун во Ровињ, каде од 24 до 27 септември се одржа регионалниот собир на медиумската, комуникациската и креативната индустрија, беше претставен проектот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“.

На панелот продуцентот Пеце Талески, авторот на проектот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин првпат јавно зборуваа за филмската приказна која се развива во три формати: игран филм, играна серија и документарна серија.

Идејата не е само да се реконструира животот и кариерата на Тоше Проески. Напротив, авторскиот тим сака да стигне до човекот зад јавната слика.

„И јас би сакал да го знам тој Тоше“

Реченицата што Тоше ја изговорил во своето последно интервју, само неколку часа пред трагичната смрт, за Игор Стоименов е една од клучните точки на целиот проект. „За мене во таа реченица се наоѓа душата на овој проект. Додека јавниот Тоше стануваше сè поголем, приватниот Тоше како да имаше сè помалку простор за себе, за љубовта, верата, своите соништа и правото на обичен живот“, рече Стоименов.

Според него, проектот треба да го прикаже „момчето од Крушево, човекот зад гласот, концертите, насловните страници и митот“.

„Никогаш нема да дознаеме до каде ќе стигнеше неговиот глас, но ќе се обидеме заедно со публиката да откриеме кој бил човекот што го носел тој моќен тенор“, додаде Стоименов.

Тоше Проески до својата 26. година веќе имаше изградено регионална кариера и се движеше низ различни музички жанрови – од поп и рок до традиционална музика и оперски арии.

Во моментот кога неговиот живот беше прекинат, неговиот уметнички пат сè уште се развиваше. Бараше нов звук и отвораше простор за меѓународна кариера. Токму таа недовршеност е еден од елементите што ја прават неговата приказна толку сложена за филмско раскажување.

„Еден филм не може да содржи цел човечки живот“

Продуцентот Пеце Талески вели дека уште од почетокот било јасно дека приказната не може да се смести во еден формат.

„Затоа проектот го развиваме како игран филм, играна серија и документарна серија. Тоше беше регионално препознатлив, но приказната за човекот зад успехот е универзална и веруваме дека може да комуницира и со публика која не ја познава неговата музика“, вели Талески.

До приказната авторите стигнуваат преку обемно истражување, десетици разговори со луѓе кои го познавале Тоше, архивски материјали, песни и локации поврзани со неговиот живот. За сценаристката Милана Влаовиќ, тоа значело составување мозаик од живот кој во голем дел бил јавен. Но јавноста, велат авторите, не значи дека човекот е целосно познат.

„Сакавме да одиме подлабоко. Требаше да го пронајдеме човекот и на луѓето да им понудиме приказна за него која цело време била таму, скриена од рефлекторите“, вели Влаовиќ.

А токму огромниот број достапни материјали носи нов проблем.

„Еден филм не може да содржи цел човечки живот. Најголемиот сценаристички предизвик е да препознаеме што навистина ѝ припаѓа на приказната и каде престанува биографијата, а почнува филмот“, вели сценаристот Андреј Волкашин.

Од митот до човекот

Авторите тргнуваат од едноставна, но сложена идеја: секој има своја приказна за Тоше. Тие приказни се дел од колективната меморија, но токму затоа филмскиот проект се соочува со необична задача да не го повтори само она што публиката веќе го знае. Гласот, концертите, песните, успехот и трагичната смрт се веќе длабоко врежани во регионалната меморија.

Она што останува да се истражи е човекот кој живеел зад таа јавна слика.

Проектот на ОХО Продукција се развива во три формати, игран филм, играна серија и документарна серија – кои од различни перспективи треба да го обработат животот, кариерата и наследството на Тоше Проески. Презентацијата на Weekend.19 во Ровињ беше првиот јавен поглед во процесот на создавање на проектот. Филмот сè уште не е прикажан. Но прашањето со кое авторите тргнуваат во неговото создавање е можеби најважното: ако сите ја знаеме приказната за Тоше, која е приказната што сè уште не сме ја виделе?

е-Трн да боцка во твојот инбокс