Anthropic повторно се најде на удар на музичката индустрија поради наводно кршење на авторските права. Sony Music Publishing, Warner Chappell и други музички издавачи поднесоа тужба против компанијата и нејзините коосновачи Дарио Амодеј и Бенџамин Ман, обвинувајќи ги дека незаконски користеле огромен број авторски заштитени дела за развој и тренирање на моделот за вештачка интелигенција Claude.
Тужбата е поднесена до Окружниот суд на САД за Северниот округ на Калифорнија, а издавачите ја обвинуваат Anthropic за, како што наведуваат, „дрска кампања“ на нелегално преземање, собирање и користење дела заштитени со авторски права.
Според тужителите, Anthropic користела илјадници музички дела, вклучително и текстови на песни и нотни записи, при тренирањето на своите AI модели. Во тужбата се тврди дека компанијата прибегнувала и кон пиратски извори за да дојде до материјалите. Од Anthropic ги отфрлаат обвинувањата. Портпарол на компанијата изјави дека не се согласуваат со тврдењата на музичките издавачи и дека Anthropic има намера „енергично“ да се брани во судската постапка.
Ова не е првиот голем спор во кој Anthropic се соочува со обвиненија за нарушување на интелектуалната сопственост. Во јануари беше покренат уште еден случај од страна на музички компании, а истите адвокати се поврзани и со спорот Bartz против Anthropic, во кој автори ја обвинија компанијата дека користела дела заштитени со авторски права за тренирање на Claude.
Случајот Bartz веќе донесе една од најзначајните пресуди досега во споровите меѓу авторите и компаниите за вештачка интелигенција. На Anthropic ѝ беше наложено да плати 1,5 милијарди долари, откако судот оцени дека користењето одредени авторски дела за тренирање на AI може да биде законски дозволено, но дека начинот на кој компанијата ги набавила дел од тие дела – преку пиратерија – претставува незаконско постапување.
Новата тужба, сепак, оди чекор подалеку и опфаќа поширок спектар на наводни прекршувања. Издавачите тврдат дека Anthropic преку нелегално торентирање дошла до милиони примероци на книги, меѓу кои имало и материјали со текстови на песни и нотни партитури. Спорот повторно го отвора едно од најголемите прашања во развојот на генеративната вештачка интелигенција: каде завршува законското користење на авторски дела за тренирање на AI, а каде започнува пиратеријата и повредата на интелектуалната сопственост. Исходот од овие постапки може значително да влијае врз начинот на кој AI компаниите во иднина ќе ги набавуваат и користат податоците за тренирање на своите модели.